Македонија
4. October 2022 - 12:34

Радовишката гимназија почна да произведува струја

Радовишката гимназија Коста Сусинов најде начин како да заштеди на електрична енергија и да ги намали сметките за потрошената струја. училиштето инсталираше фотоволтаични панели преку кои сончевата енергија ја претвора во електрична. Дел од произведената струја ја користат за сопствените потреби, а вишокот го продаваат на универзалниот снабдувач. Анализите за првите два месеци покажале дека веќе имаат заштеда од околу 10 проценти. Според проекциите за една година треба да произведат 17 000 киловат часови или 30 проценти од вкупната струја што ја троши училиштето.

Фотоволтаичната централа гимназијата во Радовиш ја постави со поддршка на локалната акциска група Плачковица која реализираше проект за искористување на сончевата енергија. Освен ова училиште фотоволтаици добија уште три јавни институции од општините , Конче, Карбинци и Штип.

Од ЛАГ Плачковица велат  дека потенцијалите за реализација на вакви проекти се огромни и затоа треба да се искористат, посебно од страна на јавните институции.Според направените анализи  преку искористување на обновливите извори на енергија може да се заштеди и до 60%, а инвестираните средства во вакви проекти ќе се вратат за четири до шест години, додека векот на траење на системите изнесува помеѓу 20 до 25 години.