Бизнис
4. November 2021 - 21:16

Работодавачите бараат Владата да ја намали акцизата на горивата

Работодавачите бараат, експертите велат има простор, Владата не планира да се откаже од дел од акцизата на горивата. Во моментов литар бензин 95 чини 77 денари, од оваа цена државата само по основ на акциза зема 22 денари. Исто толку чини и акцизата за БС 98. За дизелот таа изнесува 15,5 денари на литар. Работодавачите најавуваат дека намалување на оваа давачка е едно од нивните барања до Владата во актуелната криза.

Според експертите има простор за намалување на акцизата. Растечките цени на горивата, но и на сите останати производи ги зголемуваат приходите од ДДВ во буџетот. Со предлогот за идната година само по основ на ДДВ Владата испланирала да собере 130 милиони евра повеќе од годинава. Намалување на акцизата би било компензација.

Не е само акцизата тоа што државата го зема од секој продаден литар гориво. Дури 45% од вкупната цена на БС 95 се слева во буџетот. За БС 98 државата наплаќа  44,3%, а за дизел 38.5%.

Пред два дена министерот за финансии Бесими рече дека Владата не планира намалување на акцизата, а во Собрание ред чека и законот со кој ќе се воведе еко таска за горивата од 3 денари по литар.