Бизнис
30. November 2018 - 19:30

Работниците од Еурокомпозит бараат конечно решение за фабриката

Вработени во „Еурокомпозит“ и оние кои заминаа како технолошки вишок денеска најавија дека во понеделник ќе го блокираат патот Прилеп-Скопје доколку не им бидат исплатени 2 плати и 50.000 денари како отпремнина. Не се согласувале со ветувањето денеска да добијат само по 8.000 денари како дел од плата и 25.000 денари отпремнина, наместо ветените 50.000. Вкупно имале за земање по околу 90.000 денари за отпремнина.

„Ние бевме денеска во контакт и со директорот и со претставникот на државниот капитал. Едните велат дека ќе ви бидат исплатени 50.000 денари, директорот вика немам толку пари. Сакаме некој од Владава да излези и да ни каже што се случува и дали мислат да си играат и понатаму со овие вработени“, вели Роберт Богданоски, синдикат на Еурокомпозит.

Ова било трет месец без плата. Вработените во Еурокомпозит велат дека се чувствувале крајно изманипулирани од Владата.

„Сега Владава дава пари со ребалансот на буџетот за општините по 50 милиони евра фрла, а не сака кај нас за 1 до 2 милиони евра еднаш засекогаш да го реши прашањево“, вели Пеце Вељаноски, технолошки вишок.

Освен блокада на патот Прилеп-Скопје вработените во Еурокомпозит најавуваат и можно одење повторно на протести пред Влада во Скопје.