Македонија
28. January 2023 - 16:36

Работниците бараат поенергична заштита на правата во Законот за работни односи

Новиот Закон за работни односи мора да обезбеди поголема заштита и унапредување на работничките права, сметаат од Гласен текстилец. Отсуството од работното место по основ мајчинство или татковство, зашто ќе може и таткото да го користи ова право, мора да биде 100% исплатено, за да се задржат младите луѓе во земјава и да се мотивираат да оформат семејства.

- Да не се дозволи прераспоредување на работните места откако ќе се искористат овие отсуства, дали од мајката, дали од таткото, кога ќе се вратат на работното место, бидејќи во предлог Законот што во моментот го имаме тоа се дозволува и затоа побаравме прецизирање и заштита на бремените жени кои се со договори на определено работно време- изјави Кристина Ампева, Гласен текстилец -Штип.

Постојното законско решение на работодавачите им дозволува да исплатат и по 100 денари на име регрес  за годишен одмор или популарно кажано К-15, под изговор дека фирмата имала економски потешкотии при работењето.

- Да се наведе најниската сума на К-15, 6000, 8000, меѓутоа да не остане како што е сега. Да се утврдат критериуми и да се дефинира, што е тоа потешкотии при работењето, бидејќи моментално тоа е оставената врата за манипулација – додаде Ампева

Од Гласен текстилец бараат и да нема застарување на побарувањата по основ плати и придонеси, зашто освен работниците губи и државата.