Бизнис
18. March 2016 - 14:27

Работилница за родова еднаквост во вработувањето

Стапката на вработеност на жените во Македонија е 30,8, а на мажите 47,1 отсто, стапката, пак, на активност, е 44,3 отсто кај жените, додека кај мажите изнесува 68,7 проценти. За разлика од нив, стапката на невработеност е речиси иста и кај жените е 30,3, а кај мажите 31,5 отсто.

Невработеноста е поизразена кај жените со пониско образование и кај припадничките на помалите етнички задници. Жените во Македонија заработуваат само 49 отсо од она што го заработуваат мажите иако законите обврзуваат на еднакви плати. Во Собранието жените се застапени со 34 отсто, а во советите на локалните самоуправи 27,2 проценти,...

Токму како да се промовира родовата еднаквост и интегрира родовата перспектива во активните мерки на пазарот на труд е целта на Твиниг проектот „Поддршка на Агенцијата за вработување за спроведување на активни мерки на пазарот на труд и услуги“ што го спроведува АВРМ со поддршка на ЕУ. Твининг проектот, во чии рамки денеска се одржа работилница на тема „Родова еднаквост“, започна лани и ќе трае две години.

- Агенцијата за вработување  на Република Македонија (АВРМ) води грижа за инклузија на сите категории невработени лица во кои спаѓаат и жените, а и во самиот оперативен план како начело ни стои дека треба да има подеднаква застапеност и на жените и на мажите и на младите лица до 29 години. Резултатите од досегашните анализи покажуваат дека учеството на жените во услугите и во активните програми и мерки за вработување е 50 отсто. Имаме и програми кои водат кон подигнување на вработливоста на невработените лица во кои процентот на жените е над 60 отсто, изјави Менка Гугулеска, раководителот на Сакторот за активни мерки и услови за вработување во АВРМ, пред почетокот на работилницата.

Таа прецизира дека нема дејности каде не се застапени жените и додаде дека АВРМ се обидува да ги мотивира и поддржи припадничките на понежниот пол за поголемо учество во програмите и мерките за вработување.

- Можам да кажам дека околу 35 отсто се жени кои започнале сопствен бизнис преку програмата за самовработување или преку програмата за самовработување со кредитирање, а програмата на овој твиниг проект предвидува задолжителна застапеност на жените од 60 отсто. Преку програмата кај познат работодавач застапеноста на жената е 67 отсто, а кај практиканството за млади лица 65 проценти, истакна Гугулеска и додаде дека секоја година се зголемува бројот на жените кои учествуваат во програмите на АВРМ .

Постојаниот советник на твиниг проектот, Аксел Бирген посочи дека целта на денешниот настан е да се актуелизира темата на родова еднаквост на пазарот на трудот и да се истакне нејзината важност за практично да се види што може да се направи за да добие поголема важност во општеството, како и да се унапреди дијалогот меѓу социјалните партнери во Македонија кои работат на ова поле.

- Темата на родовата рамноправност е многу застапена во ЕУ, а во Германија е голем предизвик, особено во делот на еднакви шанси  за напредување во кариерата и еднакви плати меѓу мажите и жените. Затоа сметаме дека на оваа тема треба да се разговара и во Македонија во поглед на имплементацијата и кај активните мерки во политиките на пазарот на трудот. Токму од испитувањата дојдовме до заклучок дека во политиките на пазарот на трудот инвестициите за жените по глава на жител се пониски отколку за мажите, рече Бирген.

Во Македонија, додаде, има структури кои се занимаваат со темата на родова еднаквост на пазарот на трудот.

- И во Германија од каде доаѓам се уште постои голема разлика во платите помеѓу мажите и жените, бидејќи жените добиваат значително помала плата на иста позиција. Слично е и со шансите за напредок во кариерата и имаме дефицит на жени на врвни менаџерски позиции во компаниите кои котираат на берзата. Се залагаме и товарот за децата да биде подеднакво поделен меѓу мажите и жените за да можат жените по породувањето побрзо да се вратат на кариерата, потенцира Бирген.

Во Македонија од вкупното население 49,9 отсто се жени, а 50,1 отсто мажи.