Работилница во Народната банка: Како најсоодветно да се поддржи развојот на иновативен финтек екосистем?
– Kој е најсоодветниот начин регулаторите на финансискиот сектор да го поддржат развојот на иновативен финтек екосистем? На оваа тема се дискутираше на работилницата којашто се одржа минатата недела во Народната банка на Република Северна Македонија. Настанот беше организиран во рамки на техничката соработка со Народната банка на Белгија, во контекст на тековната подготовка на поголем број законски и подзаконски акти во финансиската сфера со кои треба да се постигне поголем степен на усогласување на нашето со европското законодавство и следствено, да се отвори пазарот на финансиски услуги за нови компании од финтек-секторот. На работилницата, покрај експертите од двете централни банки, учествуваа и претставници на Министерството за финансии и на Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Во дискусијата, акцентот најпрво беше ставен на иницијативите што ги презедоа финансиските регулатори во глобални рамки, со цел поддршка на финансиските иновации во последните неколку години. Овие иницијативи се насочени кон создавање окружување на поблиска соработка помеѓу регулаторите и постоечките финансиски институции и новооснованите фирми кои имаат намера да воведат технолошко-иновативни финансиски услуги (финтек). Како што беше нагласено и на работилницата, преку поблиската соработка со регулаторите, финтек има можност полесно да ги разбере регулаторните барања при воведувањето нови иновативни финансиски услуги на пазарот. Истовремено, таквата активна комуникација им овозможува на регулаторите подобро да ги разберат иновативните финансиски услуги кои носат одредени предности, но и ризици.
Следејќи ги овие трендови, нашата централна банка е во завршна фаза на отворање Порта на иновации, која ќе претставува платформа за комуникација помеѓу иновативната бизнис-заедница, односно финтек-секторот, Народната банка и други релевантни институции. По примерот на повеќе централни банки од развиените економии, се очекува дека преку неа и кај нас ќе се олесни, ќе се поддржи и ќе помогне развојот на иновации во областа на финансиските услуги и производи кај секоја компанија што сака да започне иновативен бизнис во нашата економија.
Во своите презентации за време на работилницата, експертите од Народната банка на Белгија се осврнаа и на тоа што освен преземањето иницијативи за директна комуникација со финтек, финансиските иновации сè повеќе се поттикнуваат и преку промени на регулаторната рамка насочени кон отворање на системите на банките за финтек, односно кон концептот на отворено банкарство. Овој концепт има за цел понуда на иновативни и конкурентни решенија за постојните клиенти на банките. Во овој контекст, особено релевантна е Директивата за платежни услуги 2 на Европската Унија, која е во процес на транспонирање во нашето законодавство.
Експертите дискутираа и за можностите и предизвиците што произлегуваат од концептот на отворено банкарство кој се очекува да се имплементира и кај нас, по донесувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, на чие изготвување Народната банка активно работеше со Министерството за финансии во изминатиот период.
Во завршницата на работилницата, уште еднаш беше одбележано дека напредокот на технологијата предизвикува значајни промени во однесувањето на корисниците на финансиски услуги, кои се повеќе преферираат добивање иновативни дигитални финансиски услуги. Истовремено, технолошкиот напредок создава ново милје на поголема испреплетеност помеѓу различните видови даватели на финансиски услуги. Поради тоа, регулаторите може да ја зголемат меѓусебната координација, како и комуникацијата со финтек, преку воспоставување соодветни центри за поддршка на иновациите во рамки на кои посоодветно би ги осознале потребите за менување на регулаторната рамка насочени кон зголемување на конкуренцијата во финансискиот сектор, поголема заштита на корисниците на финансиски услуги и подобро управување со ризиците. Нашата централна банка веќе презема активности во оваа насока.
Ново на Сител
-
Украина ноќеска соборила 60 од 94 лансирани руски беспилотни летала, 34 се „изгубиле“
-
Студено насекаде со врнежи од снег, поради ниските температури ќе има појава на голомразица и снежни наноси
-
Укината забраната за сообраќај за тешки товарни возила на патот Крива Паланка – Г.П. Деве Баир
-
Мисајловски и Лафчиски положија венец на спомен-обележјето во Катлановско Блаце, каде пред 17 години загинаа 11 мировници од Армијата
-
Приведени четири лица, сите од Гевгелиско, осомничени за незаконит лов
-
Во гостиварско Добридол приведени седум странски државјанки поради злоупотреба на туристички престој
-
Во Хрватска започна гласањето во вториот круг од претседателските избори
-
Келог: Светот мора повторно да воспостави максимален притисок врз Иран