Свет
17. May 2017 - 20:47

Путин: Трамп не му открил доверливи информации на Лавров

Рускиот претседател, Владимир Путин, денеска изјави дека американскиот претседател, Доналд Трамп, не му открил никави тајни на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавов во текот на состанокот во Вашингтон, минатата недела.

Путин рече дека Русија е подготвена на американските конгресмени да им го предаде транскриптот од средбата меѓу Трамп и Лавров, доколку тоа помогне да се  уверат во тоа, јавија агенциите.

Трамп вчера изјави дека неговата средба во Овалниот кабинет минатата недела со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров беше „многу, многу успешна“ и дека тоа ќе помогне во промовирање на борбата против тероризмот.

- Имавме многу, многу успешна средба со рускиот министер за надворешни работи, рече Трамп, јавија агенциите.

„Сакаме да добиеме помош од повеќе страни во борбата против тероризмот“, додаде Трамп.

Трамп оцени и дека имал „апсолутно право“ да сподели чувствителни информации со Русија на состанокот во Белата куќа и истакна дека сакал да и помогне на Москва во нејзината борба против Исламска држава и тероризмот.

„Како претседател сакав со Русија да споделам, на што имам апсолутно право да го направам, факти во врска со тероризмот и безбедноста на авио летовите“, напиша Трамп на неговиот налог на Твитер.

Советникот за националната безбедност на САД, Херберт Рејмонд Мекмастер изјави, дека американскиот претседател, Доналд Трамп немал „несоодветен“ разговор со руските официјални лица минатата недела во Белата куќа.

- Стојам зад изјавата која ја дадов вчера, рече Мекмастер во Белата куќа.

- Тоа што сакам да го кажам е дека претпоставката на написот (на весникот „Вашингтон пост“) е лажна и дека на никој начин претседателот немал конверзација што била несоодветна или би можела да доведео до било каков пропуст во националната безбедност, јавија агенциите.

Мекмастер во понеделникот ги демантираше обвинувањата дека Трамп минатата недела на Русите им открил  доверливи разузнавачки информации, нагласувајќи „Бев во собата. Тоа не се случи“.

И државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон изјави дека Трамп не разговарал за изворите, методите, ниту за воените операции во текот на средбата со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Во текот на средбата со Лавров, Трамп разговарал за широк спектар прашања, меѓу кои и за заедничките напори што се однесуваат на борбата против тероризмот, наведе Тилерсон во соопштението.

Министерството за надворешни работи на Русија, претходно демантираше дека Трамп на високите руски официјални лица им открил доверлива информација во текот на посетата со Сергеј Лавров во Вашинготн.

Потпаролката на руското министерство, Марија Захарова на Фејсбук напиша, дека овие тврдења се „уште една измислица“.