Свет
26. October 2017 - 14:18

Пуџдемон: Со укинување на каталонската автономија кризата ќе ескалира

Поставувањето на Каталонија под дирекна управа на шпанските централни власти ќе го лиши каталонскиот народ од неговите институции и ќе предизвика уште поголема ескалација на кризата, оцени претседателот на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон.

- Наместо да го среди она што Владата на државата го нарекува тешка вонредна состојба, таа со своите постапки за одземање на политичката афтономија на Каталонија ќе предизвика уште потешка вонредна ситуација, наведува Пуџдемон во писмото што денеска го испрати до Сенатот на Шпанија, кој утре треба да се изјасни за одлуката на шпанската Влада за активирање на членот 155 на Уставот, со што практично би се суспендирала каталонската автономија.

Пуџдемон во писмото оценува дека воведувањето на директна управа врз Каталонија од страна на централната Влада ќе претставува прекршување на шпанскиот Устав.

На почетокот на неделата шпанскиот Сенат побара од Пуџдемон да се појави пред сенаторите во Мадрид и да ги образложи своите идни планови по одржаниот референдум за независност на Каталонија, кој шпанските власти го прогласија за нелегитимен.

Пуџдемон меѓутоа вчера изјави дека не планира да замине во Мадрид и „да ги брани своите ставови за независноста на Каталонија“.

Своето писмо до шпанскиот Сенат Пуџдемон го упати во пресрет на седницата на каталонскиот Парламент, закажана за попладнево во 17 часот, на која се очекува реакција на пратениците на најавените мерки од страна на Владата во Мадрид.

Аналитичарите во Барселона оценуваат дека Каталонскиот Парламент би можел да донесе две одлуки или да прогласи еднострана независност на Каталонија или да се самораспушти и да распише предвремени избори, со што би се запрела постапката за воведување директна управа врз регионот.

Подпретседателот на каталонскта Влада Ориол Жункерас вчера изјави дека по мерките што ги најави шпанската Влада на властите во Барселона не им се оставени други опции освен да продолжат со постапката за прогласување независност.

Шпанскиот министер за правда пак Рафаел Катала оцени дека прогласувањето независност од страна на властите на Каталонија „нема да има законска валидност и ќе предизвика последици од кривична гледна точка“. 

Дел од членовите на регионалната Влада на Каталонија вчера побараа од Пуџдемон да распише предвремени избори за членови на каталонскиот Парламент, со цел да се избегне Владата во Мадрид да преземе директна контрола над регионот. 

Извор близок на Пуџдемон, наведе дека на владиното заседание, дел од министирте ја поддржале идејата за предвремени избори во и побрале од претседателот на регионалната Влада да покрене таква иницијатива. 

Каталонскиот весник „Вингуардија“ објави дека во каталонската Влада имало „жестока дискусија“ меѓу оние кои сакаат да бидат одржани предвремени избори и оние кои сакаат еднострано прогласување независност на Каталонија. 

Шпанската Влада во саботата реши да започне процес на активирање на членот 155 од Уставот, со што би се распуштила регионалната Влада и би се распишале предвремени избори, а до нивното одржување со Каталонија би раковедел посебен орган именуван од страна на Кабинетот во Мадрид.

Владата се реши на ваквиот потег, откако властите во Барселона на 1 октомври спроведоа референдум за независонсот на Каталонија, кој беше прогласен за нелегален од страна на Мадрид. На референдумот гласаа околу 40 отсто од регистрираните избирачи, од кои над 90 проценти се изјаснија за независност.