Македонија
24. October 2021 - 16:33

Психолозите предупредуваат дека насилство не смее да биде метод за воспитување, осуда за случајот и од Меѓаши

Истражните органи испитуваат зошто наставникот во петокот физички го малтретирал седмоодделенец во ОУ „Панајот Гиновски“ во скопски Бутел. Во полициска станица покрај наставникот по англиски на разговор биле повикани и класниот раководител, директорката, детето и родителите.

За првата детска амбасада Меѓаши не дозволиво е вакво нешто да се случува во училиштата.

- Апсолутно не го подржуваме овој начин на воспитување на децата ни психолошки, ни педагошки. Во секој случај треба условите во кои живееме и работиме и односот кон нашите деца треба да биде на ниво, изјави Мимоза Костоска, дежурен волонтер на СОС линијата на Меѓаши.

Психолозите се категорични дека насилство посебно физичко врз децата не треба воопшто да постои, не само во образованието туку и во секојдневието.

- Замислете пред цело одделение едно момче кое се развива, влегува во пубертет, а и пред тоа, кое е првото чувство кога некој ќе му удри шамар? – Пониженост, и нешто што детето никогаш нема да го заборави. Што и да направил ученикот не заслужил да биде физички казнет, и никој на планетата не заслужува физичко насилство, вели психологот Мирјана Јовановска Стојановска.

Од друга страна психологот вели дека ова треба да биде и повод да се испита и односот кон наставниците и за условите во кои работат посебно во оваа пандемија со Ковид и сите реформи во образованието кои мора да ги спроведуваат.

- Верувам дека овој човек работи под голем стрес поради се што се случи. Треба да го испитаме и нашиот однос кон наставниците, но во секој случај вакво нешто не би требало да се случи повеќе, рече психологот Јовановска Стојановска.

Видеото на кое се гледа како наставникот по англиски му удира шлаканици на седмоодделенецот е снимено од соученик на детето и во петокот попладне беше објавено на социјалната мрежа Тик Ток.