Првите 5.850 дози од Фајзер пристигнуваат во февруари, во март три пати повеќе
2900 здравствени работници од ковид центрите, во февруари ќе бидат вакцинирани против корона вирусот. За нив ќе бидат наменети првите 5850 количини од Фајзер од кои треба да примат две дози во период од три недели. Утрово, министерот за здравство објави дека постигнале договор со производителот од кој ќе набават 800.000 вакцини кои етапно ќе бидат дистрибуирани во земјата во текот на целата година. Во март треба да стигне трипати поголема пратка од февруарската или повеќе од 15 000 дози. Филипче во изјава за Сител вели дека и пред да стигне донацијата од фрижидери, имаме капацитети за чување.
-Која недела од февруари ќе стигнат вакцините ќе знаеме овие денови, но од компанијата ни укажаа дека го зголемуваат производствениот капацитет што значи дека секој нареден месец ќе стигнуваат повеќе вакцини. Секако првите ќе бидат наменети за здравствените работници. Имаме фрижидери на ниска температура каде се чуваат реагенски и тие се веќе пренаменети за вакцините, вели Венко Филипче, министер за здравство.
Здравствените власти не добиле одговор дали ќе може да направат директна набавка и од Астра Зенека, но преговараат и со други производители на вакцини. Засега освен од Фајзер, следниот период надлежните чекаат донации и од земји членки на ЕУ за што веќе се понудија Бугарија, Грција и Полска.
-Се понудија Бугарија, грција, Полска а сега преговараме и со Австрија. Но проблемот таму е што не ги добија очекуваните дози овој период, но сега како што се зголемува производството на вакцини така во следниот период очекуваме и од таму, вели Филипче.
Последната фаза од дговорот со Фајзер е цената за набавка и како што вели Филипче најверојатно ќе биде пониска од онаа за земјите во ЕУ каде една доза е 15 долари. И додека од здравство велат дека работат на набавките за вакцини од најголемата опозициска партија со критика дека доцнат.
Прво, информацијата следи со недозволиво доцнење, второ станува збор за многу мала доза на вакцини.
Ова е доволно да се вакцинира отприлика само еден град колку Злетово кој брои помалку од три илјади жители.
Детали за тоа кога и колку вакцини ќе стигнат нема, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
