Македонија
19. November 2018 - 19:24

Првиот снег во Битола направи штети низ градот

Паднати и откорнати дрвја, искршени гранки, искинати кабли кои висат по улиците. Ова e сликата после вчерашните интензивни снежни врнежи во Битола кои предизвикаа штета во градот. Од Комуналец велат дека снегот кој беше со доста голема тежина направи најмногу штета на зеленилото, дрвјата и садниците.

-Утрово се направи целосен увид, откорнати се преку 300  садници, откорнати или паднати гранки, ние санираме колку што можеме, а на дел од нив имаме проблем со каблите, таму внимателно пристапуваме. Забележани се штети и на возила, ЈП Комуналец не ги расчистува затоа што мора да се направи увид од полицијата, вели Панде Богоевски, директор на ЈП Комуналец Битола. 

Паднатите дрвја им создадоа проблеми и на Нискоградба во чистењето на коловозите, а се фрлија вкупно 24 тони сол и 24 тони ризла. Најголеми проблеми имале во потпелистерските села, каде по два пати се интервенираше.

- До утринските часови 95% од селата беа проодни, имаше на некои места споредни улици кои бараа граѓаните. Во градот  до утрово беа исчистени улиците од 1 и 2 приоритет, вели Методиј Силјаниовски директор на ЈП нискоградба Битола. 

Вчерашните врнежи од снег предизвикаа и проблеми во снабдувањето со електрична енергија, дел од градот остана без струја. Од ЕВН велат дека поголемиот дел од дефектите се во планинскиот дел, а прекините се предизвикани од кинење на проводниците од паднати дрвја кои не можеле да ја издржат тежината на снежните наноси. Дефектите се локализирани, а организирани се и дополнителни тимови од Струга и Охрид кои во тешко пристапниот терен работат на што побрзо отстранување на дефектите, велат од ЕВН.