Македонија
15. September 2020 - 11:08

Први во собраниска процедура законите од образованието

Собранието ја почнува законодавната функција прв пат откако е конституирано. Во собраниска процедура први влегоа измените на законите за основното и за средното образование со кои се регулира наставата во услови на епидемија, а поводот е корона вирусот.

Владата побарала овие две законски решенија да се разгледуваат во скратена постапка имајќи ги пред вид намерите на владата учебната година да почне на 1-ви октомври. Сепак, датумот не е споменат во законите туку е наведено дека во услови на здравствена криза одлуката за почеток и крај на учебната година ја носи Владата.

При подготовка на измените, како што се наведува во образложението, земен е пред вид фактот дека од пријавените заболени од КОВИД 19 помал број се деца и дека инфекцијата кај нив е поблага, но и дека заразата меѓу децата повеќе се шири во вонучилишните активности,отколку на час доколку се почитуваат протоколите. Освен онлајн настава, предивидени се и условите кога може да се одржува и настава со физичко присуство.

Освен образованите зкаони, во парламентот се очекува да пристигнат и првите економските мерки на оваа Влада за справување на последиците од КОВИД Пандемијата. Пратениците уште пред 10-тина дена пак, ги добија за потврда и одлуките за вонредна состојба донесени од шефот на државата. За нив ќе биде потребно 2/3 мнозинство.

Засега нема закажано седница со овие собраниски материјали. Парламентот вчера, по 40 дена од конституирањето успеа да ги формира работните тела кои се клучни за вршење на парламентарната функција. Формирани се и пратеничките групи.

 

Катерина Нешкова