Свет
20. September 2015 - 11:01

Први демонстрации против воената хунта во Тајланд

Во главниот град на Тајланд Бангкок синоќа беа организирани првите демонстации на противниците на владеењето на воената хунта со државата.

Неколку стотици припадници на новоформираното академско Ново демократстко движење, контролирани од 200 полицајци, организираа марш од Националниот универзитет до центарот на Бангкок, извикувајќи дека воената управа е диктатура и бараа укинување на т.н. Национален совет за мир и ред.

Полицискиот портпарол во Бангкок изјави дека од лидерот на воениот удар, сега премиер, генералот Прајут Кан-ока добиле строга наредба да не интервенираат, освен ако демонстрантите не станат насилни. Професорите и студентите доброволно се растуриле пред полноќ.

Ова се први протести против воената управа во Тајланд, по воениот удар од мај минатата година. Пред три месеци, поради актуелната забрана за собирање на повеќе од пет лица на јавни места беа притворени, а по еден месец ослободени, шестмина студенти.

Коментирајќи го настанот, Кабинетот на сегашниот премиер соопшти дека протестите се организирани за да се намали угледот на генералот Прајут, кој идната недела ќе говори на заседанието на Генералното собрание на ОН и ќе побара поддршка Тајланд да добие место како привремен член на Советот за безбедност.