Македонија
2. November 2019 - 14:18

Прва Регионална конференција за вмрежување на македонската дијаспора

Првата Регионална конференција за вмрежување на македонската дијаспора има цел да се воспостави соработка и продлабочување на веќе постоечката соработка меѓу дијаспората и Република Северна Македонија, како и да се поттикне взаемна, реципрочна соработка со земјите каде живее македонската дијаспора, порачаа министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми и директорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалваринов на нејзиното отворање.

На дводневната конференција пшто се одржува денеска и утре, министерот Адеми посочи дека ја поздравува иницијативата зза вмрежување на македонската дијаспора.

-Лично сметам дека оваа конференција е потребна и таа треба да е практика и во иднина. Преку оваа конференција, на нас како претставници на владините институции ни дава можности и правец, како да ги градиме владините одлуки и политики, согласно потребите на нашите иселеници, рече Адеми.

За време на конференцијата, како што соопшти Агенцијата за иселеништво, ќе биде презентиран и Акциски план на Националната стратегија за соработка со дијаспората, потоа можностите за студирање и практикантство во земјата преку Еразмус програмата, промоција на македонскиот туризам и пласман на македонски производи.

-Како претставници на здруженијата  на иселенички организации,  сте гласот на вашата татковина, мост помеѓу Република Северна Македонија и земјите  во кои живеете. Заеднички е потребно да создадеме услови за успешна промоција на нашата земја, рече Шалваринов во своето обраќање.

Претставниците на здруженијата на иселенички организации од Северна Македонија во Романија, Турција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија, заедно со претставниците на малцинствата во нашата држава, до утре ќе дискутираат на теми од заеднички интерес и од нив ќе произлезат заклучоци.

На отворањето, освен министерот Адеми идиректорот на Агенцијата, Шалваринов, присуствваа и пратеничката во романскиот Парламент која го претставува македонското малцинство Маријана Венера Попеску, првиот секретар на Амбасадата на Црна Гора во Северна Македонија, Ивана Сикмановиќ, советникот за внатрешни работи при Амбасадата на Турција во нашата земја, полковник Халдун Ерсин Унал, како и голем број претставници на македонски иселенички организации и на малцинства во Република Македонија.