Бизнис
18. February 2019 - 15:29

Прва форумска средба на Полошкиот плански регион

 Еден милион швајцарски франци се наменети за сите осум плански региони на државата за проекти кои ќе бидат одбрани во секој од соодветните плански региони. Ова го најави министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на денешната прва регионална форумска сесија на Полошкиот плански регион што се одржа на Попова Шапка.

За Полошкиот плански регион во рамките на оваа програма се определени околу 110 илјади швајцарски франци. Активноста ја спроведува Центарот за развој на полошкиот плански регион во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”, финансиски поддржан од страна на Министерство за локална самоуправа и швајцарската Агенција за развој и соработка (SDC).

-Рамномерниот регионален развој треба да биде императив на целата државна политика во оваа насока. Тоа е целта и на овој проект што нашето министерство го реализира со Швајцарската амбасада. Преку ваквите форуми на заедниците самите граѓани заедно со претставниците на бизнис секторот ќе може да ги кажат своите приоритети и што им е најпотребно, што треба да бидат финасирани. Денеска е првата фаза, ќе имаме уште две вакви активности и на третиот состанок ќе се реши што е најголем приоритет што треба да добие подршка. Очекувам дека до крајот на годината ќе се почне со реализација на вака обраниот проект во интерес на граѓаните на секој од планските региони, рече министерот Фазлиу.

Околу состојбите со децентрализацијата во државата, министерот Фазлиу рече дека процесот постојано се следи како од државните институции, така и од надлежното министерство.

-Во следниот период во соработка со мисијата на ОБСЕ ќе направиме проценка на законот за локална самоуправа за да видиме дали тој и самиот процес ја постигнаа својата цел и дали има потреба за негови измени и во кои делови. Околу ингеренциите што веќе ги имаат општините досега ние како министерство имамме формирано работна група од која до септември очекуваме експертска анализа за начинот на финансирање со блок дотациите на општините дали тој е соодветен или и тука треба да има измени, рече Фејзули.

Градоначалничката на Општина Тетово и претседателка на Полошкиот плански регион Теута Арифи поосчи дека како општина имаат поголем број на подготвени проекти до чекорот за издавање градежна дозвола се со цел да бидат успешни при конкурсите и на домашните и странските донатори.

-И во конкурсите од домашните донатори и централната власт, како и кај меѓународните институции едно од барањата е да имате комплетирана документација. Затоа учествуваме и на овие средби и дебати се со цел подобро да се определат приоритетните проекти што се во интерес на поголем број граѓани. Како пример се нашите подготвени проекти за обнова на градинките, изградба на нова градинка каде сме побарале подршка и од државата, водоводи за дел од селата во општината, додека на регионално ниво тоа се заедно со општина Желино за изградба на патот Тетово – Требош, како и изградба на тротоари по регионалниот пат штого поврзува Тетово со Општина Теарце, рече Арифи.

За градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари подготвеноста на нивната локална самоуправа со квалитетни прокети придонело тие во изминатата година да бидат меѓу најдобрите според износот на странски инвестиции во државата.

-Најмногу странски инвестиции имаме од земјите на ЕУ како и од Швајцарија. Токму од оваа земја имаме добиено околу 12 милиони евра за изградба и обнова на водоводната мрежа во Гостивар како и средувањето на состојбите во регионалната депонија во Русино. За жал најголеми опструкции имаме од централната власт дали затоа што сме најголема опозициска општина бидејќи во текот на 2018 та година добивме само околу 35 илјади евра за изградба на фитнес центар во градот. Многу еважно во рамките на вакви и слични активности да се води сметка за рамномерен регионален развој и особено за соодветен развој на руралните општини кои секако имаат помалку средства во однос на големите урбани општини како Гостивар или Тетово, изјави Таравари.

На денешната сесија на форумите на заедниците од Полошкиот плански регион на Попова Шапка учествуваа и членови на Советот за развој на Полошкиот плански регион, претседатели на Советите на општините од планскиот регион, претставници на невладиниот и бизнис секторот, како и на месните заедници од регионот. Според организаторите на овие форуми ќе се донесе одлука кој е приоритетен проект од областите на туризмот, животната средина, бизнис инфраструктурата и социјална инклузија.