Loading Video...
Ракомет
3. January 2021 - 17:40

Прв собир на македонските ракометари за ЕХФ неделата

По одбојкарите кој веќе 20-тина деновиве се подготвуваат за квалификациите за ЕП, денеска прв собир имаа и македонските ракометари.
 
Данило Брестовац селекторот на машката ракометна репрезентација на Македонија, денеска ја имаше првата прозивка на ракометарите кои се најдоа на неговиот список за првиот собир во новата 2021 година. 
 
Со видно подмладен состав и без повеќемина стандардни репрезентативци, македонската ракометна репрезентација ќе ги одработи подготовките во ЕХФ неделата во која се предвидени и два контролни натпревари против Чиле. 
 
„Да, малку променет состав, нема некои имиња кои сме навикнале да ги гледаме во репрезентацијата. Сепак, иднината останува на овие што се повикани, на нив сериозно сметам за понатаму. Од нив зависи колку ќе се наметнат или колку ќе се стават на располагање при некои клучни натпревари. Тоа најмалку зависи од мене и од мојот тим. Се надевам дека овој репрезентативен собир ќе го искористиме на најдобар можен начин. Како прво целта ни е да се подготвиме што подобро за натпреварите со Данска, во март месец. Сето сработено на тренинзите би го искористиле на тие натпревари со Чиле, да видиме како ќе делува“, изјави селекторот Брестовац.
 
Македонија е прва резерва за претстојното Светско првенство, па доколку се отвори шанса, односно доколку некоја селекција не настапи на Мундијалот, најверојатно дека селекторот Брестовац во таков случај би повикал и дел од поискусните ракометари, засега во тимот ги нема Ристовски, Георгиевски, Маркоски, Манасков и Стоилов.