Бизнис
19. October 2015 - 19:41

Прв Македонско-грчки бизнис форум во Солун

По две и пол децении и по некој неуспешен обид, се одржа првиот грчко-македонски бизнис форум во Грција.

Претставници на македонската и грчката бизнис заедница, дискутираа како да се надминат бариерите заради кој економскиот потенцијал меѓу двете земји останува недоволно искористен.

– Се надеваме дека во наредните години ќе успееме да ги надминеме бариерите кои ги имаме, особено поради тоа што Македонија и Грција се единствени соседски држави кои немаат потпишано ниту еден билатерален договор. Веруваме дека во иднина ќе успееме ги продлабочиме деловните релации, иако во бизнис секторот сме доказ дека онаму каде што се сака, политиката нема влијание, изјави Данела Арсовска, претседател на ССК

- Бизнис релациите меѓу двете земји може да се подобрат, особено кога во нашата земја има зголемен број на странски инвестиции и кога на Грција и се потребни инвестиции во странство.  Токму затоа тие односи треба да се подобрат и да се зголеми соработката меѓу коморите, за да може бизнис заедницата да апелира до политичарите да ги надминат проблемите, изјави Луфакис Кирјакос, претседател на Грчката интернационална бизнис асоцијација.

Форумот се одржа во Солун, под покровителство на  американскиот универзитет Колумбија, во присуство на солунскиот градоначалник и македонскиот амбасадор. Професорот Дејвид Филипс потенцијал за соработка гледа во туризмот и транспортниот коридор.

Грција е меѓу петте најголеми трговски партнери на Македонија. Во првите осум месеци од годинава увозот оттаму е 299 милиони евра, а извозот 98.