Македонија
8. јуни 2021 - 19:43

Протести и блокади на ВМРО-ДПМНЕ за преговорите со Бугарија

Предупредувачки блокади на три клучни раскрсници во Скопје и во 10 градови. Блокадите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се со едно, единствено барање – Владата да го објави т.н. патоказ за преговорите со официјална Софија.

Опозицијата стравува дека премиерот Заев и специјалниот пратеник Владо Бучковски за да го деблокираат бугарското вето, прашањата за јазикот, идентитетот, историјата и културата ќе ги вметнат во преговарачката рамка со Европската унија.

Премиерот Заев уверува дека т.н. патоказ е всушност разговори за соработка на секторско ниво во делот на инфраструктурата, образованието, здравство, труд и социјала, култура. Се друго што се разговара е под раководство на португалското претседателство, чиј предлог бил доставен до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

-Да продуцирате вака протести со 15 возила и 20 луѓе, 13 возила и 14 луѓе, не знам, 24 возила, ги следам извештаите кои излегуваат сега на медиумите, и 45 луѓе, е тоа се протестите само за да се блокира сообраќајот низ градовите и е порака која што никако не можам да ја разберам, додаде премиерот.

Блокадите ќе продолжат се додека патоказот не биде објавен во јавност. Според најавите од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се блокираат клучни раскрсници секој ден од 15 до 17 часот.