Македонија
21. March 2017 - 21:33

Протестен марш во Неготино

Протестен марш и вечерва се одржа во Неготино. Пред присутните говореше Павлинка Волкановска Атанасовска, дете на загинат бранител од конфликтот во 2001 година.

- Време е за сплотеност, време е да покажеме кој е свој на своето, време е да бидеме единствени како никогаш досега. Ако сега се поделиме, ќе ја изгубиме Македонија, ќе изгубиме сéшто нашите претци создале. Овде сме и ќе истраеме, ќе докажеме дека токму ова парче земја, овој народ и овој јазик, е она што ни значи, она за што сме себореле, се бориме и ќе се бориме, рече Атанасовска.

Историјата, додаде, покажала и докажала дека македонскиот народ е пиреј.

- И да го корнеш, да го потиснуваш и да му се спротивставуваш, тој одново никнува и опстојува. Еве не, тука сме, силни и непобедливи. Цврсти и со еднамисла и цел, да останеме вечни, да си го чуваме јазикот, да си го чуваме писмото, да ни остане името македонско, да си ги задржиме идентитетот и суверенитетот и да не дозволиме „ситни души" да гопродадат она што со векови, со мака, со труд, со пот и со многу крвопролевања е градено, потенцира Волкановска Атанасовска.

Според неа, политичката ситуација што ја наметнаа албанските политичари, домашни политички структури и поединци го доведе постоењето на Македонија во прашање.

- Затоа, наша заедничка и во овој момент единствена цел е сите заедно да се спротивставиме на ваквите погубни политики. Сите заедно да кажеме „не" на разнебитувањето на нашата татковина. Ова е момент кога ние и само ние можеме да се избориме и да го сочуваме сето она што нашите предци, нашите татковци го стекнале и платиле со својот живот и со својата младост, порача Волкановска Атанасовска.

Сега, рече, не е во прашање ниту една, ниту друга партија, не е во прашање ниту еден, ниту друг политичар, во прашање е македонскиот народ, македонскиот јазик и идентитет, во прашање е Македонија. 

Неготинци со едноминутно молчење им оддадоа почит на 74 бранители и на нејзиниот татко Косте Волканоски, кои во 2001 го дадоа животот за Македонија.