Балкан
30. July 2017 - 11:11

Протест за правата на жените во Истанбул

Неколку стотици лица, од кои најголемиот број жени, синоќа учествуваа на протестен марш низ улиците на Истанбул, со што го изразија своето незадоволство од кршењето на правата на жените, насилството врз нив од страна на мажите и притисоците да се облекуваат „поконзервативно“.

Маршот, одржан под мотото „Не ми се мешајте во тоа како се облекувам“, започна во наслебата Кадиќој во азискиот дел на Истанбул.

Некои од учесничките на протестот во рацете држеа закачалки на кои имаше куси панталони, за кои некои мажи сметаат дека е несоодветна облека за жените.  

Учесниците во маршот скандираа „Нема да се подчиниме“, „Нема да не натераат да молчиме“, „Нема да дозволиме да не исплашат“ и „Ќе успееме со отпор“.

Дел од учесниците на протестот изјави дека се почесто има случаи на психичко и физичко насилство врз жените, поради начинот на кој се облекуваат.

Истанбул со години важеше за либерал град во однос на облекувањето на жените, но од зацврстувањето на власта на исламската конзервативна Партија на правдата и развојот (АКП) на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, се засили притисокот врз жените да се облекуваат поконзервативно и во согласност со исламските традиции.