Македонија
23. April 2024 - 16:34

Протест во прилепскиот затвор

Затворските полицајци од Прилеп денеска протестираа пред оваа установа со образложение објектот не ги исполнува критериумите за да прима затвореници од висок ризик и да биде катрегоризиран во Казнено поправен дом. Вработените се чувствувале  загрижени за безбедноста по својот живот и поради закани и страв голем дел од нив земале боледување и не оделе на работа. Имало само 54 затворски полицајци на 125 осуденици, а бројот според стандардите требало да биде 1 : 1.

„Барањата наши се да се повлечат осудените лица од висок ризик и се додека не се создадат услови за то да не ни носат вакви лица. Загрозена е безбедноста на колегите, затворот не е во можност да излези во пресрет“, рече Саше Гулески, вработен во затвор Прилеп.

Полицајците бараат повторно враќање на затворот во ранг на Казнено поправна установа односно затвор од отворен тип. Се пожалија дека директорот на Управата за извршување на санкции се прогласил за ненадлежен за решавање на проблемот, а досега не добиле ниту прием од Министерот за правда.

„Условите не се такви за да може да се носат ваков тип на затвореници, луѓето не се екипирани како што треба за да обезбедат таков тип на затвореници. Ова е затвор од отворен тип и условите на објектот и условите на полицајците што ги обезбедуваат не се во можност да им ја извршуваат работата која им се дава и со тоа истото се загрозува и нивната сигурност“, истакна Владимир Литовски, претставник на Независниот синдикат на полицијата.

„Да потенцирам и тоа дека дел од колегите 50%, да не речам и 80% не се вооружени, немаме униформи, немаме средства за работа“, додаде Саше Гулески, вработен во затвор Прилеп.

Состојбата била слична во скоро сите затвори, единствено подобри услови имале затворите во Шутка и Идризово. Полицајците најавуваат дека протестите ќе бидат секој ден од 12 до 14 часот, а можно било и порадикален штрајк.