Македонија
21. May 2022 - 16:33

Протест во Битола со барање „Правда за Оли“

Под мотото „Правда за Оли“ денеска во Битола се одржа мирен протест од страна на семејството, роднините и пријателите на Оливер Петровски кој загина пред две години во сообраќајна несреќа додека со електричен тротинет одеше на работа. На овој начин го изразија својот револт од пресудата на Основниот суд Битола за изречената казна од 18 месеци за обвинетиот возач на автомобилот кој учествуваше во сообраќајката.

-Доказите докажуваат дека тој е апсолутен виновен за случајот. И на крај судијката реши да го процени животот на мојот брат на година и пол затвор. Тоа е срамна пресуда со која се продолжува неказнивоста на убијците со возила, кои гледаме дека дивеат, возат многу повеќе од дозволеното, убиваат невини луѓе и за тоа поминуваат речиси неказнето. Тука сме да го искажеме револтот за сите, оние кои загинаа на ваков начин, а чии убијци беа ослобоедни односно заштотени од страна на судовите, изјави Бојан Петровски, брат на загинатиот Оливер.

Бидејќи нивното семејство нема право на жалба, туку само јавниот обвинител и одбраната, испраќа апел.

-Обвинителката да го искористи правото на жалба и процесот да продолжи на Апелација. Апелирам судиите во Апелациониот суд разумно да донесат одлука, двапати, трипати да размислат пред да донесат некоја пресуда, да донесат праведна пресуда бидејќи ова што се случува навистина  сите не засега, вели Бојан.

Во пресудата стои дека вината е поделена, а ослободителна околност е дека обвинетиот е млад.

-Каква е таа одлеснителна околност? Друго дека вината била кај брат ми. За човек висок 1.85 цм, 90 килограми да биде превртен на глава, треба да се вози минимум 90, а во пресудата се вадеше помала брзина. Но како и да е брзината е недозволена, што значи вината е единствено кај обвинетиот, вели Бојан.

Тие протестираа и ги искажаа своите пораки на плоштадот Магнолија и пред Основниот суд во Битола.