Македонија
3. October 2020 - 21:24

Протест на ВМРО-ДПМНЕ против неправдите, реваншизмот и политичкото насилство

Нема кој да ја сопре непрвадата во државата смета лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицскоски. Вели дека обвинителството молчи за криминалите на власта бидејќи како што истакна на вечерашниот протест тоа е дел од мафијата на власт дополнително помогната од судството. Според Мицкоски најдобар показател за непостапувањето на институциите е набавката на службени возила.

Пропадната банка, милионските бизниси во Тетово се дел од случаите за кои Мицкоски смета дека мора да има правда. Смета дека не може владата да вели дека функционира правната држава, а во изминатите четири години никој да не одговара за криминал.

Мицкоски нагласи дека нема да има владеење на правото се додека не се расчистат случаите Рекет и не се провери мобилниот телефон на Бојан Јовановски.

За владеачката партија, протестот на ВМРО-ДПМНЕ е обид на Мицкоски да го задржи претседателското место.

„Очајно Мицкоски се заканува кон судството и обвинителство, со деструкцијата. Не треба да се чуди зошто е таму каде што е, казнет од граѓаните. Осамен и изолиран во опозиција, чекајќи ги инструкциите од Будимпешта, опркужен со малкумина следбеници од кои повеќето секојдневно се по судови. Губитникот Мицкоски треба да знае дека нема да успее, сите ќе одговараат, правдата е тука и секој што го прекршил законот ќе одговара пред судовите и пред граѓаните“, се вели во реакцијата од СДСМ.