Бизнис
17. February 2019 - 16:25

Протест на преспанските јаболкопроизводители – се бара средба со премиерот

Овоштарите од Преспа денеска протестираа и го блокираа патот Битола – Ресен искажувајќи го на тој начин незадоволството од слабиот пласман на јаболкото. Бараат средба со премиерот и исполнување на барањата: да се врати интервентната мерка од 3 денари која важеше до декември минатата година, да се продолжи до 30 јуни оваа година, да се исплатат субвенциите за минатата година до крајот на март и парите од минатогодишната интервентна мерка да се исплатат до 30 јуни.

-Бараме под итно да идат разгледани од Владата и Министерството за земјоделие и очекуваме позитивен одговор. Доколку за 10 дена не добиеме одговор, ние повторно ќе се организираме и ќе ги направиме овие мирни протести да бидат радикални, изјави МЕНДЕ ИВАНОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ИНИЦИЈАТИВЕН ОДБОР НА ОВОШТАРИ.

Моментално неоткупени се 50.000 тони јаболко. Во ладилникот кај Макази се откупени околу 5000 тони.

-Тие 50.000 тони се ускладишени по магацински простор кои не се ладилници. Тие простори се што ги имаме секој, а за да издржат повеќе од мaрт и април, не може дотогаш да издржи јаболко. Тој род и ќе се фрли, а тоа ќе биде и голема еколошка катастрофа, не само за Преспа туку и за цела Македонија, вели АЛБЕН БЕКИР, ЧЛЕН НА ИНИЦИЈАТИВЕН ОДБОР НА ОВОШТАРИ.

-Јаболката ќе ги донираме во Старскиот дом во Битола и во болницата. Не сакаме да gи тураме јаболката, вложено е многу труд и енергија, тоа е храна, сето тоа ќе оди во хуманитарни цели, вели ЉУБЕ ПАМПУЛЕВСКИ, ЧЛЕН НА ИНИЦИЈАТИВЕН ОДБОР НА ОВОШТАРИ.

-Ние апеллиравме како дел од овие барања да биде изградба на неколку откупни центри како овој на Макази, така не може да се реши целосно, но ќе се ублажи проблемот, рече СТЕВЧЕ РАДЕВСКИ, ОВОШТАР.

Промените во мерките во новата Програма за директни плаќања во делот на финансиската поддршка за производство на јаболка се направени по барање на производителите на јаболка, соопштија денеска од Министерството за земјоделие од каде апелираат овоштарите да не подлегнуваат на манипулации. Токму укинувањето на субвенцијата за килограм предадено јаболко е направено по барање на дел од овоштарите кои протестираат и според нивните пресметки е вкалкулирана во субвенцијата за одржување на овошни насади со јаболка, наведуваат од Министерството. Оваа одлука беше донесена со цел да им се помогне на овоштарите поради претрпените загуби во производството од временските непогоди, а сите што имаат поднесено барање ќе бидат исплатени. Од министерството велат и дека оваа година се зголемува финансиската поддршка за одржување насади со јаболка, а токму земјоделците од преспанскиот регион први ги добиле парите за обештетување од временските непогоди.