Македонија
25. August 2022 - 16:30

Протест на овоштарите од преспанскиот регион

Преспанските овоштари денеска протестираа кај Макази, на регионалниот пат - Битола Ресен и побараа итна исплата на надоместокот за предизвикана штета од невреме врз овошните насади од 2016 година, дел од 2017 година и 2018 година. Дадоа рок до 29 август, во спротивно најавуваат Преспански марш.

-Го повикуваме премиерот и министерот за финансии да постапат по одлуката донесена на последната владина седница, исплатата да биде во најкраток можен рок. Крајниот рок е 29 август, во спротивно ние сме приморани да продолжиме со нашите протести. Во краен случај ако не наидеме на слух ќе продолжиме со Преспански марш, од Ресен до Скопје ќе одиме со механизација, вели Љубе Пампулевски, претседател на Здружението „Благој Котларовски“ - Ресен.

Бараат од Владата да биде поажурна во исплатата.

-Овие денови пресметав дека најголем должник ми е државата, ако и е законска обврска до одреден рок да ги префрли парите, да го направи тоа, да не мораме за секое барање да протестираме, вели јаболкопроизводител од Преспа.

-Трошоците многу се зголемија, препаратите, дневниците за работниците, вели јаболкопроизводител од Преспа.

-Нас треба државата да ни обезбеди пласман, 30 години немаме договори со никоја држава за пласман. Ако се реши пласманот како што се реши во Србија и други држави, тогаш нема да имаме потреба од протести, од субвенции. Се што се дава е во ред, но тоа е социјална помош за нас, вели јаболкопроизводител од Преспа.

Бараат и да им се исплатат штетите од минатата година, но и зелената нафта. Без овие средства велат, нема да се во можност да ја започнат бербата на јаболка во септември.