Македонија
12. July 2015 - 17:11

Проширена и реконструирана улицата „Јордан Мијалков“

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски  и претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски денеска официјално ја отворија за сообраќај улицата Јордан Мијалков, која во изминатиов период се прошируваше и реконструираше на потегот од крстосницата со улицата Герман до пред раскрсницата со улицата Павел Шатев.

-По проширувањето, оваа сообраќајница доби три коловозни ленти со ширина од по 3,25 метри, улично осветлување (13 столба за осветлување на сообраќајницата и сервисната улица и паркингот и 6 столба за осветлување на сообраќајницата), сервисна коловозна лента со паркинг широка 6 метри со должина од 200 метри и тротоар покриен со бекатон-плочки. Реконструкцијата на улицата Јордан Мијалков беше искористена за да се постави нова атмосферска канализација, а се изврши и реконструкција на постојната водоводна (Ф200) и фекална (Ф300) мрежа. За проширување и реконструкција на оваа значајна сообраќајница Градот Скопје вложи околу 43 милиони денари со ДДВ. Новопроширената улица ја осветлуваат 19 столбови за осветлување на кои се поставени 32 натриумови светилки. На осветлувањето на улицата Јордан Мијалков работеа екипите на „Дигитал“ ДОО Струмица, а Градот Скопје за овој зафат потроши околу 2 милиони денари.Со тоа, вкупната вредност на проектот за проширување и реконструкција на улицата Јордан Мијалков, на потегот од крстосницата со улицата Герман до пред раскрсницата со улицата Павел Шатев, изнесува околу 45 милиони денари. Проширувањето на улицата Јордан Мијалков во голема мера ќе придонесе за растоварување на сообраќајниот метеж од центарот на градот кон Кисела Вода и ќе се скрати времето на патување од Карпош кон Кисела Вода и кон Аеродром - истакна градоначалникот Трајановски.

Премиерот  Никола Груевски потенцираше дека  проширувањето на оваа улица е значаен зафат и е дел од еден мошне голем план со чија реализација ќе се овозможи растоварувањето на сообраќајот во овој дел на градот.

Улицата Јордан Мијалков е проширена во должина од 750 метри, а проширувањето се изведуваше по левата страна (гледано од булеварот Мајка Тереза кон улицата Павел Шатев).

На проширување и реконструкција на улицата Јордан Мијалков работеа екипите на градежната компанија „Пелагонија“ од Гостивар.