Македонија
22. August 2023 - 16:32

Пропишување лекови за 5 хронични болести од матичен лекар важи од утре, но во пракса од кога не се знае

На хартија од утре, во пракса не се знае од кога матичните ќе пропишуваат лекови за дијабет, астма, хобб, намалена функција на тироидна жлезда и хипертензија.  Лекарите од примарната здравствена заштита реагираат дека за реформата на министерството за здравство  да функционира мора и технички да биде подготвена и да е во координација со Мој Термин.

-Денеска ќе бидат објавени во службен весник, треба 24 часа да поминат од објавата и стапуваат на сила од утре..и се обврзувачки за оние кои треба да ги почитуваат, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, координатор за реформи во примарна здравствена заштита.

Освен промена на режимот за пропишување, матичните за овие 5 дијагнози ќе прават и дијагностички процедури почитувајќи ги објавените  протоколи со клинички патеки. На тој начин треба да откриваат пациенти од ризичните групи и навреме да стигнат до неопходната терапија.

-Да им погодува на матичните лекари, специјалистите од секундарно а најмногу на пациентите. Да направиме пациент центричен систем кој ќе биде дефиниран да дава услуги во интерес на пациентите, најблиску до местото на живеење и секако да не трошат време и финансиски средства, вели Мехмедовиќ. 

Реформаторите од Министерството за здравство велат дека трансформацијата на примарната здравствена заштита треба да даде подобра превенција и дијагностика а промена на режимот на пропишување лекови е само еден сегмент од реформите.

Новина ќе биде и закажување на термин кај матичен, но надлежните за тоа допрва ќе утврдуваат како ќе биде применето.