Македонија
6. August 2018 - 16:50

Пропадна ветувањето на Филипче, специјализантите не добија плата

Сметките во банка празни, приватните специјализанти без  ветената плата. 92-ца лекари кои од јануари се на специјализација, велат дека три месеци залудно чекаат да биде исполнето ветувањето на министерот  за здравство  и  од јуни да земаат по 26 000 денари. Револтирани се што нивната битка е вратена на самиот почеток, нема ниту пари ниту буџет за нив.

-Од ветувањето поминаа речиси три месеци, но трага од платите нема. Имавме уште една средба во јули и на наше инсистирање добивме одговор дека се работи на процесот на одобрување на буџет за исплата на нашите веќе ветени плати, за кои бевме јавно известени пред целата македонска јавност, вели др. Симона Попова, специјализант

И додека специјализантите го чекаат ветувањето на Филипче, од министерството за здравство ни одговорија дека се уште чекаат одлука од Влада за да бидат обезбедени средства за исплата на овие 92-ца лекари. А покрај изјавата дадена во мај, министерот за здравство и на почетокот на јуни на панел дискусија за млади доктори, најави плата за оваа група на лекари

-а од овој месец дополнително ќе бидат исплатени уште 92 специјализанти кои беа запишани на специјализација со јануарскиот конкурс годинава., изјави Венко Филипче, министер за здравство 

Приватните специјализанти не знаат кои следни чекори ќе ги преземат. Велат, ќе чекаат да завршат одморите на функционерите. Но порачуваат дека ова не е во интерес на младите доктори во државата.

-Ако нема плати, се знае, во странство во потрага по подобар живот, вели Симона.

Со обезбедување на пари за приватните специјализанти како надоместок за нивната работа, надлежните сакаат да ги задржат младите лекари во државата. Но деведесетина од нив сеуште не добиле ниту денар.