Промовирана монографијата за Гојко Јаковлески „Македонија-мојот живот“
Монографијата „Македонија-мојот живот“ од новинарот и публицист Киро Кипроски, посветена на животот и делото на Гојко Јаковлески, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, беше промовирана синоќа во малата сала на Центарот за култура во Гостивар.
Промоторот Ставре Џиков во обраќањето напомена дека монографијата е своевидна енциклопедија за македонската миграција во Европа и на младите генерации може да им послужи како учебник по историја.
- Ова дело е значајно и за македонската историја, бидејќи содржи автентични документи и факти, кои прв пат се објавуваат и даваат ново светло на настаните од тоа време, рече Џиков.
Кипроски подолго време работел на ова дело и смета дека Гојко Јаковлески е личност која има значајно место во осамостојувањето на Македонија. Во монографијата ќе забележи дека е сестран човек кој ги помагал спортот, уметноста и е иницијатор за формирање на македонската црковна општина во западен Берлин 1972 година.
- Во книгата е опфатен животниот пат на Јаковлески, личност која има исклучителен значај за македонската миграција во западна Европа, од втората половина на минатиот век. Тој, од родното Зубовце, како апсловент од Шумарскиот факултет, во 1961 година оди на размена на студенти во тогашна Западна Германија и таму останува. Набрзо, активно се вклучува во македонските патриотски политички здруженија и заедно со Благоја Шамбевски и Драган Богданоски и други патриоти работат на будење на свеста кај македонската емиграција за осамостојување на Македонија. Тој како сопственик на култниот ресторан „Ново Скопје“, кој е неформална амбасада на Македонија ги пречекувал сите значајни личности од јавниот живот, уметници, спортисти и политичари, рече Кипровски.
Јаковлески е финансиер и основач на весникот „Македонска Нација“ кој се изадавал во седумдесетите години од минатиот век.
Монографијата, која излезе од печат минатата година, има 550 страници, и во неа се содржани над двесте фотографии и копии од документи.
Промоцијата беше збогатена со музички настап на пејачот Ванчо Тарабунов, а извадоци од книгата читаше артистот Стојче Нешкоски.
Киро Кипроски е пензиониран новинар и автор на десетина книги и монографии посветени на повеќе села, духовни светилишта и личности со историски значај.
Ново на Сител
-
Блумберг: Mајкрософт истражува дали DeepSeek незаконски презел податоци од OpenAI
-
Турција: Приведени 28 осомничени за смртоносниот пожар во ски-центарот Карталкаја
-
Хамилтон го искрши болидот на Ферари за време на тест возење во Барселона
-
Покрај Николов, Владата предлага уште тројца нови амбасадори, покрената постапка за отповикување на девет амбасадори
-
Шапката на Меланија го фрли во сенка Трамп | Александар Рашковиќ | Sitel Podcast 079
-
Општина Центар: Град Скопје ги остави улиците во смет, активирани 120 хигиеничари од Општината
-
Приведен 21 годишен жител од велешкото село Бузалково, кој се заканувал на комисија за возачки испит
-
Измамена скопјанка - И кажале дека нејзината ќерка прегазила дете и ако не сака таа да лежи во затвор треба да плати 3.200 евра