Македонија
4. December 2018 - 13:40

Промовиран веб порталот: Justice observers

Центарот за правни истражувања и анализи, во рамките на проектот „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството” денеска го промовира веб порталот Justice observers, каде правни експерти ќе коментираат судски одлуки и ќе предлагаат насоки за зајакнување на воедначеноста на правната аргументација на судовите во Македонија.

Жарко Хаџи-Зафиров од  Центарот за правни истражувања и анализи на денешната прес-конференција рече дека веб порталот е платформа каде тим од меѓународни и национални правни експерти ги разгледуваат меѓународните и националните практики и работата на националните судови, анализираат и коментираат одлуки на домашните судови.

– Идејата потекнува од еден тренд што постои во Европа, а тоа е дека секој став на повисок суд да стане близок до граѓаните, како и јазикот на кој се носат одлуките, рече Хаџи-Зафиров. Додаде дека е предвидено да бидат анализирани и коментирани одлуки од Уставниот суд, Управниот суд, Врховниот суд, Вишиот управен суд и сите апелациски судови во Македонија, како и Европскиот суд за човекови права.

Идејата, како што посочи Хаџи-Зафиров, е на месечно ниво до март 2020 година да се обработуваат од три до четири одлуки кои ќе бидат од различни судови.

Според него, не е идејата да бидат критикувани судските одлуки, туку да се даде анализа  на одлуките што понатаму ќе значат во правниот поредок на Република Македонија.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Наташа Габер Дамјановска посочи дека во последно време работата на судовите поактивно се следи од страна на медиумите, но сепак, како што посочи, повеќе акцент во јавноста е даден на самиот исход на предметот, а не на  образложението на кое се темели тој исход.

– Вакво обработување на интересни судски предмети од експерти ќе бидат кратки, содржајни и ќе претставуваат основа за понатамошна дискусија, што е мошне важно во оваа сфера, рече Габер Дамјановска и додаде дека овој портал на некој начин е пандан на страницата на Европскиот суд за човекови права, каде на ист начин се коментираат одлуките на одредени судови.

На промоцијата на порталот присуствуваа голем број личности од правната фела во Македонија.