Бизнис
23. јуни 2016 - 12:48

Промовиран проектот за системот за управување со отпад во Источниот и Североисточниот плански регион

Проектот „Подготовка на потребните документи за воспоставување интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот плански регион“ денеска беше промовиран во ЕУ Инфо центарот. Проектот е финасиран од ЕУ, во соработка со МЖСПП и меѓуопштинските одбори за управување со отпадот и општините од Источниот и Североисточниот регион.

Со проектот, според организаторите, ќе се подготват потребните студии и документација, согласно барањата на ЕУ и националното законодавство со цел да се аплицира за финасирање од ИПА на ЕУ и да се изгради потребната инфраструктура.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски информира дека  за Источниот и Североисточниот плански регион веќе се реализирани три проекти од ИПА програмата, во рамки на кои се изработени регионални планови за управување со отпад, техничка и тендерска документација за затворање на нестандардните депонии/диви депонии и технички спецификации за набавка на опрема за собирање и транспорт на отпад.

- Со почнувањето на овој проект, кој е финансиран од Приоритетната оска 3, ќе се заокружи целиот циклус на подготовка, како на планската така и на тендерската документација и веќе во 2017 година, преку ИПА 2 програмата, ќе бидеме подготвени да аплицираме за инфраструктурни проекти, со кои би се финансирала изградбата на две регионални депонии и трансфер станици, рече Темелковски.

Антонис Мавропулос, тим лидер на проектот, информира дека идејата на овој проект е да постави предуслови за изградба на првата депонија во Македонија, која ќе биде согласно европски стандарди.

- Проектот го почнавме во јануари и во моментов сме во фаза на теренски посети на определени локации кои беа посочени како можни за новата депонија. Контактираме и со градоначалниците од овие региони и се обидуваме да најдеме соодветно место за новите објекти што ќе се постават, рече Мавропулос. Изрази задоволство од соработката и поддршката што ја добиваат од МЖСПП, општините и од претставниците од општинските власти.

Целта на денешниот настан, како што рече, е почеток на дијалог со засегнатите страни и да видиме кои треба да бидат следните чекори во проектот.

 - Ова го правиме бидејќи веруваме дека ваквите проекти треба да се спроведуваат со целосна транспарентност и видливост за сите граѓани. Ќе ги покриеме сите потреби и барања кои ги имаат двата региона истовремено и ќе бидат инвестирани и потрошени од 25 до 35 милони евра, рече Масвропулос.  

Проектот е спроведуван од две големи меѓународни компании ЕПТИСА Сервисиос де Инхенеира од Шпанија и ЕПЕМ С.А. Од Грција. Почна во јануари, а ќе заврши во април 2017 година.