Бизнис
20. July 2019 - 18:00

Промотивна кампања на „Мој ДДВ“ во Прилеп

Во рамки на кампањата за промоција на владината мерка „МојДДВ“, промотивен штанд за поврат на ДДВ на граѓаните денеска беше поставен во Прилеп, кај супермаркетот „Тинекс“ во центарот на градот. На граѓаните им се делеа флаери и им се објаснуваше постапката за поврат на 15 отсто од платениот ДДВ на износот на фискалните сметки.

Според министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, која го посети промотивниот штанд, оваа владина мерка е дел од економските мерки за подобрување на животниот стандард, сузбивање на сивата економија, економскиот пораст и за привлекување домашни и странски инвестиции.

– Оваа владина мерка е една од серијата економски мерки со цел подобрување на економскиот пораст, а како крајна цел е подобрување на животниот стандард на граѓаните. Целта на прокетот „Мој ДДВ“ има две основни придобивки: поврат на приходите на граѓаните што всушност би претставувало поврат од една плата плус, а како бенефит може да се смета дека граѓаните ќе се вклучат и ќе придонесат во сузбивањето на сивата економија, односно, во подобрувањето на наплатата на даноците. Со ова, буџетот има зголемен прилив, се зголемува поторшувачката и сето влијае врз економскиот пораст и на животниот стандард на граѓаните. Освен ова, со сузбивањето на сивата економија, со подобрувањето на наплатата на даноците, се создава подобра бизнис клима и подобра конкуренција која, пак, ги охрабрува домашните и странските инвеститори, изјави Апостолска.

Апостолска информира дека заклучно до 17 јули скенирани се околу 3,5 милиони фискални сметки, додавајќи дека околу две милијарди денари промет се направени, од кои повратот на ДДВ се движи околу 30 милиони денари.

Апостолска уверува дека се решени сите детали околу симнувањето на апликацијата, а во подружниците на УЈП има штандови на кои секојдневно им се објаснува на граѓаните.