Балкан
29. October 2017 - 11:55

Промени на политичката карта на Европа во последниот половина век

Шпанскиот автономен регион Каталонија во петокот еднострано прогласи независоност, што не е прв случај во Европа по Втората светска војна - една територија да објави отцепување од земјата чиј дел била дотогаш.

Кипар

Прво еднострано прогласување независност во време на Студената војна во Европа се случи во ноември 1983 година, кога кипарските Турци прогласија независна држава во северниот дел на Кипар под името - Турска Република Северен Кипар.

Кипар

На, овој чин му претходеше воениот удар на Кипар во 1974 година, изведен од страна на офицери кипарски Грци, со идеја островот да се приклучи кон Грција. На пучот Турција реагираше со воена интервенција на Кипар, под изговор дека ги штити Турците на островот.

Турската интервенција резултираше со пропаѓање на воениот удар по неколку дена, но во тој период турските сили презедоа контрола врз 38 проценти од територијата на Кипар, во неговиот северен дел. На оваа територија девет години подоцна беше прогласена Турската Република Северен Кипар, чија независност е призната само од страна на Анкара.

Од тогаш беа направени неколку обиди за решавање на кипарскиот проблем, но тие досега не дадоа резултат. Јужниот грчки дел на Кипар, чија вледа меѓународно е призната како единствен легитимен претставник на целиот остров, од 2004 година е членка на ЕУ.   

Поранешен Советски Сојуз

По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година се формираа 15 независни држави, но процесот на сепаратистички тенденции на постсоветскиот простор не заврши со тоа.

СССР

Молдавскиот регион Придњестровје, во кој мнозинството од жителите се Руси и Украинци, еднострано прогласи независност во 1991 година, која не е призната од ниту една држава, што предизвика воен конфликт. Судирите завршија со примирје, што доведе до создавање на првиот „замрзнат конфликт“ во постсоветскиот простор. 

Истата година, отцепување од Азербејџан прогласи регионот Нагорно Карбах, каде мнозинството од жителите се Ерменци. Еднострано прогласената независност на Нагорно Карабах доведе до ерменско-азербејџанска војна, која заврши со примирје во 1994 година. Со договорот за примирје се создаде уште еден „замрзнат конфликт“, при што Нагорно Карбах правно остана дел од Азербејџан како автономна област, но регионот во пракса е дел од Ерменија.  

По руско-грузискиот конфликт во август 2008 година, два од трите автономни региони во Грузија, Абхазија и Јужна Осетија еднострано прогласија независност, која прво беше призната од Русија, а потоа и од Венецуела, Никарагва и Науру. 

Во 2014 година беа прогласени „народни републики“ во источните украински региони Луганск и Доњецк, чии локални проруски сепаратистички лидери ги прекинаа врските со Киев, што доведе до вооружен конфликт. Украина и Западот ја обвинуваат Русија за политичка и воена поддршка на луганските и доњецките сепаратисти. 

Поранешна Југославија 

Распадот на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) започна со прогласувањето независност на Словенија и Хрватска во јуни 1991 година. Ваквите одлуки доведоа до десетдневен конфликт во Словенија, кој заврши со целосно повлекување на Југословенската народна армија (ЈНА) од земјата, додека во Хрватска независноста доведе до војна, што заврши во 1995 година, при која загинаа околу 20.000 лица.

СФРЈ

Македонија ја напушти југословенската федерација по мирен пат по референдумот во септември 1991 година.   

Босна и Херцеговина прогласи независност во март 1992 година, по референдумот кој беше бојкотиран од најголемиот дел од босанските Срби. Прогласената независност доведе до војна, што заврши со Дејтонскиот мировен договор во 1995 година. За време на боснанскиот конфликот загинаа над 100.000 лица, а околку 2,2 милиони беа принудени да ги напуштат своите домови. Со Дејтонскиот договор во БиХ се формираа два ентитети - бошњачко-хрватската Федерација Босна и Херцеговина и Република Српска, чии лидери во неколку наврати најавуваа можност за организирање референдум за независност.     

Поранешна СФРЈ престана да постои во април 1992 година со содавањето на заедничката држава меѓу Србија и Црна Гора под името Сојузна Република Југославија (СРЈ). Оваа држава во 2003 година се трансформира во Државна Заедница на Србија и Црна Гора, која се распадна по прогласувањето на црногорската независоност во јуни 2006 година, со што се формираа две нови држави во Европа - Србија и Црна Гора.

Последната новоформирана држава на територијата на некогашната СФРЈ беше Косово, кое во 2008 година прогласи независност, откако уште од 1999 година беше територија под меѓународен протекторат, Србија, согласно Уставот, се уште го смета Косово за своја покраина. Независноста на Косово досега е призната од над сто земји, но не и од Русија, Кина и неколку членки на ЕУ.