Македонија
13. October 2015 - 15:17

Прогрес-извештаите за Македонија и другите земји кандидати се одложуваат до недоглед

Европската комисија ќе го одложи објавувањето на прогрес-извештаите за Република Македонија и останатите земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската унија за најмалку уште една недела, а можно е и до недоглед, јави дописникот на МИА од Брисел.
 
Откако неформалната Влада на Унијата веќе направи преседан со тоа што извештаите за напредокот во проширувањето, наместо за утре го одложи нивното објавување за идната недела, денеска, портпаролот на Еврокомисијата, Маргаритис Схинас, објави дека тие ќе се одложуваат до недоглед, а најмногу поради кризата со мигрантите.
 
- Вистина е дека извештаите за проширувањето е нормално да се објавуваат во ова време на годината. Ние како Комисија мислевме дека поради сето ова што се случува изминативе недели, дека тоа покажа што е најважно и оти тоа е она што треба го сториме и да се концентрираме на решавањето на бегалската криза. Тоа е најважно сега. Имаме во четврток и Самит на Европскиот совет и апсолутен приоритет е тоа што таму ќе се дискутира и кога ова ќе биде заклучено, ќе се движиме кон извештаите за проширување - посочи портпаролот на ЕК, Маргаритис Схинас.
 
На дополнително прашање дали тоа значи дека и идната среда (21 октомври) исто така нема комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан да ги објави прогрес-извештаите, гласноговорникот на Комисијата додаде дека бил јасен во објавата. Тоа значи дека најмалку за уште една недела, а се најавува и за две и извештаите да се објават на 28 октомври, Македонија и останатите земји од “најважниот процес на ЕУ” ќе чекаат за оценките во напредокот и нашата земја на седмата последователна препорака за отворање на преговорите за членство во Унијата.