Проект за зголемување на ефикасноста на тутунопроизводството и одгледување други профитабилни култури
Со влезот во ЕУ нема да има забрана за садење на тутунот, но ќе мора оваа земоделска гранка да се реформира согласно европската регулатива. Ова го велат од ИПА- фондовите на ЕУ од каде преку проект вреден 1 милион евра се финансира зголемувањето на продуктивноста во тутунопроизводството, но и пренаменување на површините со нови култури. Еден таков пример е Влатко Наумоски земјоделец од прилепско Крушеани, кој освен тутун, оваа година преку пилот проектот на ЕУ за прв пат пробно го засадил и растението стевија.
„Имаме насадено околу еден декар. Очекуваме подобри примања и за полесно за работа. Очекуваме добар принос, а за пласирање би требало да се пласира, да се откупи тука кај нас, па да се извези. Стевијата е органски шеќер за дијабетичари“, истакна Влатко Наумоски, земјоделец.
Од ЕУ ги охрабруваат земјоделците да исто како Наумоскии да пробаат и други култури кои како и тутунот се доходовни, а кои можат да се одгледуваат во Македонија.
„Навистина направивме една теренска анализа и преку 40 пилот проекти успеавме да спроведеме некои диверзификации како што е стевијата, афионот, опиумот и други ароматични растенија“, рече Димитар Ванев, тим лидер во проектот.
Oсвен замена на тутунот се стимулира преку проектот и зголемување на ефиканоста на тутунопроизводството преку нови методи.
„Суштината е да се следи состојбата со тутунопроизводството, да се примени оптимална агротехника и да се произведе квалитетна тутунска суровина. Односно, да се третира кога ќе има пшотреба, а не предвремено“, објаснува професорот Мирослав Димитриески, експерт за тутунопроизводство.
Од Министерството за земјоделство се убедени дека полека ќе се спроведуваат препораките на ЕУ околу тутунот.
„Ние имаме направено нов закон за тутун, така што сега се изготвуваат правилниците нови и ќе направиме нова стратегија за тутун каде ќе се дефинираат правците на развој на тутунското производство“, кажа Синани Абдулгафар, Министерство за земјоделство.
Од ЕУ исто апелираат земјоделците здружат во соодветни задруги за да бидат поефикасни, попродуктивни и поконкурентни на пазарот.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар