Македонија
15. јуни 2016 - 16:09

Проект за професионален и кариерен развој на наставниците

Министерството за образование и наука, УСАИД и Бирото за развој на образованието денеска ги одбележаа заедничките достигнувања на четиригодишниот Проект за професионален и кариерен развој на наставниците.

Со проектот, како што истакнаа организаторите, е надграден и подобрен системот за професионален и кариерен развој на наставниците со што ќе се придонесе за поквалитетна воспитно­-образовна работа на наставниците и повисоки постигнувања на учениците во Република Македонија.

Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу во своето обраќање нагласи дека активностите од проектот завршуваат, но активностите за реализација на прифатените промени во оваа сфера допрва следат.

- Реформите во образованието што ги спроведува Министерството за образование и наука веќе подолг период се насочени и кон подигање на квалитетот на работата на наставниците. Благодарение на ангажманот на сите вклучени во проектот сега имаме јасни очекувања од професијата наставник, стручен соработник, но и директор на училиште. Компетенциите што сакаме да ги развиваме кај различни профили на воспитно-образовниот кадар се слични на очекувањата во други земји, рече Лутфиу. 

Министерот посочи дека минатата година првпат е донесен Закон за наставници со кој што се регулирани клучните прашања за наставничката професија и работата на наставниците, како и дека наставничката професија веќе никој не ја гледа како статична, туку од наставникот се очекува постојано да се усовршува и да биде пример за доживотно учење.

Директорот на мисијата на УСАИД Џејмс Стајн рече дека наставниците и нивната работа го определуваат квалитетот на образованието повеќе од кој било друг фактор.

- За таа цел УСАИД даде поддршка за подобрување на квалитетот на образованието во Македонија преку создавање функционален систем за професионален и кариерен развој, подобрување на постоечките закони, развивање компетенции за воспитно-образовниот кадар, вклучувајќи наставници, стручни работници и директори, како и преку воспоставување јасни стандарди и инструменти за одржување и подобрување на квалитетот на наставниот кадар, рече Стајн.

Проектот се реализираше од декември 2012 година до јуни 2016 година, а го спроведе Македонскиот центар за граѓанско образование.