Бизнис
30. September 2016 - 10:12

Проект за млади маркетинг лидери

Млади маркетинг лидери од 11 држави во изминатите десет дена во Струга имаа можност да ги продлабочат своите маркетинг знаења во рамките на проектот „Млади маркетинг полисмејкери за одржив развој“.

Целта на проектот, според координаторот Панче Јовановски, е продлабочување на маркетинг знаењата преку подобро заемно претставување и информирање во функција на директно поврзување на економиите на државите – учеснички.

- Во изминатите десет дена учесниците се фокусираа на современите трендови за зголемување на креативноста и организациските капацитети во функција на продлабочување на маркетинг практиката во имплементацијата на трите столба на одржливиот развој: економските, социјалните и бенефитите за одржување на животната средина, особено преку користењето на социјалните мрежи, информира Јовановски.

Проектот почна да се реализира 1 август годинава, а ќе трае до 30 септември 2017 година на повеќе локации во Република Македонија. Учествуваат повеќе од 50 маркетинг лидери од 11 држави меѓу кои Бугарија, Гана, Киргистан, Непал, Полска, Романија, Хрватска, Словачка, Словенија, Чешка Република и Македонија.

Координатор на проектот е Асоцијацијата за истражување, едукација и развој „Маркетинг порта“ – Скопје, а се реализира преку Ерасмус+ програмата поддржана од Европската комисија.