Македонија
19. August 2018 - 19:28

Проекција на „Другата страна на се“ вечерва на „МакеДокс 9“

Во рамки на филмската програма на „МакеДокс 9“ вечерва од 21 часот во Куршумли-ан ќе бдие прикажан филмот „Другата страна на сѐ“ на српската режисерка Мила Турајлиќ.

По „Синема Комунисто“, ова е вториот долгометражен документарен филм на Турајлиќ кој досега освои повеќе филмски награди. Авторката од здравствени причини нема да присуствува на „МакеДокс“, но присутна ќе биде продуцентката Ханка Кастелицова.

Поради отсуството на Турајлиќ, како што информираат организаторите, е откажан панелот „Револуциите се важни, но поважно е што правите по нив“, што требаше да се одржи утре во Музејот на современата уметност.

Првата средба и размена на идеи за филмот меѓу Турајлиќ и Кастелицова бил на „МакеДокс“ во 2013 година.

Филмската програма вчера беше отворена со полскиот филм „Како се станува папа“ на Јустина Митник, која одговараше на прашања од публиката по проекцијата на филмот. Потоа следуваше проекција на „Викај ме Тони“ на Клаудиус Хростовски.  

Синоќа со заедничкиот пикник на „МакеДокс“ со „Синестетика“ беше означен и почетокот на студентската програма на „МакеДокс 9“, во рамки на која до 22 август ќе бидат прикажани вкупно 13 студентски филмови.

Според организаторите, во амбиентот на Куршумли-ан се случила синергија на естетиката, времето, рачните изработки, автентичната музика и носталгијата. 

Во тек е и работилницата за изработување на фотографии со „мокар колодиумски процес“, на која десетина учесници со специфичен „дрес-код“ ја изучуваат техниката и откриваат мотиви за своите стаклени фотографии. Работилницата се одвива под менторство на Сашо Н. Алушевски, фотограф, и Предраг Узелац, самостоен фотографски соработник и асистент на Академијата за уметности во Нови Сад, Србија.

Првата сесија на разговорите „Под смоквата“ се случи под оревот пред Куршумли-ан. Разговорите беа модерирани од Петра Селишкар, селекторка на главната програма на „МакеДокс“, а утре ќе бидат претставени членовите на сите пет фестивалски жирија. 

Со прикажувањето на филмот „Бетонска ноќ“ и третата сесија разговори со учесниците, пак, заврши работилницата „Реалноста режира, ние снимаме филмови“ со Пирјо Хонкасало. 

Утре, во Музејот на современата уметност ќе почне втората работилница на тема „Режирање реалност“ со полскиот автор Војцех Старон. Учесниците во трите дена ќе научат како да разговараат со публиката, користејќи подвижни слики и едноставност.

На работилницата ќе бидат прикажани извадоци од неговите филмови „Сибирска лекција“, „Аргентинска лекција“, „Браќа“ и „Дон Жуан“, кои ќе дадат пример за режирање реалност на полски начин. Работилницата се организира со поддршка на Филмската фондација на Краков.