Продолжуваат разговорите со Бугарија, нови средби идната недела во Софија
Македонија ја подготвува новата стратегија за пристапот кој ќе го завземе во новите рунди разговори со Бугарија.
Извори од македонскиот преговарачки тим за Сител потврдуваат дека има секојдневна комуникација со бугарското Министерство за надворешни работи од почетокот на новата година, а нови неформални средби се можни во текот на следната недела. Во фокусот на овие средби ќе биде акцискиот план за начинот на кој ќе се спроведува Договорот за добрососедство, со оглед дека неговото неспроведување е една од клучните забелешки на Софија.
Според Симонида Кацарска од Институтот за европски политики продолжувањето на разговорите е позитивно, но големи надежи за напредок не треба да има. Скопје и Софија треба да разговараат за сите аспекти опфатени во потпишаниот договор, кои не задираат во идентитетските прашања.
Кацарска не ја исклучува можноста разговорите да не дадат резултати и во првите два до три месеци по формирањето на новата влада во Бугарија, но во оовј период клучен ќе биде и пристапот на Европската унија кон ова прашање.
Најавите за нови средби следуваат само два дена по ставот на вицепремиерот Димитров дека до изборите во Бугарија, земјава треба да одмори од спорот со Софија и да се фокусира на домашните проблеми, но и во период кога буагрскиот државен врв се уште нема одговорено на нон пејперот кој Бучковски му го даде на Борисов пред точно еден месец.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар