Македонија
9. January 2020 - 8:08

Продолжуваат преписките за „ТНТ“ – одбраната контра судот

Препукувањата околу истекот на мандатот на судија поротник од судечкиот совет за случајот „ТНТ“ од судница подолжија со отворени писма и дописи преку медиумите. По серијата отворени писма од адвокатите Јовица Страшевски и Мерџан Даути за време на празниците, вчера одговори и реакции пристигнаа од Основниот кривичен суд, Судскиот совет, Министерството за правда и Здружението на судии.

Основниот кривичен суд Скопје вчера апелираше до Адвокатската комора, МВР, но и Обвинителството да преземат соодветни мерки и да ги истражат елементите на закани и притисоци упатени кон судот и судијата – поротник, во однос на изјавите на дел од адвокатите во предметот „ТНТ“ повеќе да не се појавуваат на судења бидејќи со тоа ќе направат кривично дело.

Адвокатот Јовица Страшевски, во отворено писмо до претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, пак го повика Иван Џолев на отворен ТВ дуел, за, како што вели, да се дознае вистината за „ТНТ“.

Судскиот совет на РМ го осуди однесувањето на адвокатот Страшевски – бранител на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, во случајот „ТНТ“.

-На овој начин, адвокатот Страшевски покрај улогата на бранител, настојува да ја менаџира постапката во случајот „ТНТ“’, да ја преземе и улогата на судија, спротивно на принципот на владеење на правото чиј сегмент е и принципот на судење во разумен рок. Судскиот совет не може да се меша во менаџирањето со предметите, но е заинтересиран постапките да се завршат без одовлекување во разумен рок, се наведува во денешното соопштение од Судскиот совет.

Оттаму информираат дека барањето на претседателот на Основниот кривичен суд Скопје за продолжување на мандатот на судија-поротник било ставено на дневен ред на 328-та седница на Судскиот совет од 25.12.2019 година.

– Дел од точките од дневниот ред беа одложени за 30.12.2019 година. Поради немање кворум за одлучување и потребата материјалите да бидат доставени на увид и проучување на новоизбраниот член на Советот, седницата се одложи за 27.01.2020 година, се додава во соопштението објавено на  веб-страницата на Судскиот совет.

Министерството за правда, исто така, апелираше сите носители на јавни овластувања во судските постапки – судиите, адвокатите, обвинителите да го почитуваат законот, а доколку дојде до негово прекршување – тоа да биде санкционирано.

–  Апелираме сите носители на јавни овластувања во судските постапки – судиите, адвокатите, обвинителите, да го почитуваат законот, а доколку дојде до негово прекршување – истото да биде санкционирано. Министерството за правда досега не коментираше актуелни судски постапки и останува на тој став, почитувајќи го принципот на немешање на извршната во судската власт, стои во реакцијата од Министерството за правда.

Судбината на предметите „ТНТ“, „Титаник“, „Монструм“ и „Талир“ е во рацете на Судскиот совет кој треба да одлучува дали поротничката Лилјана Ивановска Кочовска може да остане дел од судечкиот совет или нејзиниот мандат е завршен и ќе треба да почнат од почеток.

Адвокатите на одбраната, на неколку рочишта за случајот „ТНТ“ укажуваа на судечкиот совет дека мандатот на поротничката Лилјана Ивановска Кочовска е завршен на 24 декeмври 2019 и дека според Законот за кривична постапка, доколку дојде до каква било промена на составот на судечкиот совет, судската постапка мора да започне од почеток.

Сепак, постапката продолжи и беа одржани неколку рочишта и по 24 декември, а судечкиот совет, укажуваше на фактот дека не е во нивна надлежност да одлучуваат за престанок на мандат на судија поротник и оти тоа е прашање на Судскиот совет.

Адвокатите на обвинетите во „ТНТ“, откако на неколку рочишта укажаа дека судечкиот состав не може да продолжи со работа во истиот состав, изминатиот викенд излегоа со неколку отворени писма, најпрво до претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, а потоа и до самата поротничка.

Првиот предмет кој треба да се одржи по празниците, а во чиј судечки совет е поротничката Кочовска, е „ТНТ“, закажан за 13 јануари.

Судијката поротник Лилјана Ивановска Кочовска е дел од судечкиот совет во предметите „ТНТ“, „Титаник“, „Талир“ и „Монструм“.

Адвокатот Мерџан Даути, на судењето за „ТНТ“ на 24 декември минатата година посочи дека има доставено поднесок и за судијата поротник Марија Кондовска, за тоа што навршува 60 години и и престанува функцијата по сила на закон.

Основниот кривичен суд, истиот ден, ја објави интегрално и иницијатива поднесена од судијата Владимир Туфегџиќ, за измени и дополнување на Законот за кривична постапка, со цел да се спречи непотребното одолговлекување на судските рочишта при промена на член на судечкиот совет, при што некои се враќаат и на почеток.

На 31 декември 2019 година, Основниот кривичен суд во Скопје, информираше дека заради ефикасност на постапката на предметот „ТНТ“ кој е во завршна фаза, надлежниот судечки совет определил нови термини за продолжување на расправата и тоа за 13, 14, 15 и 16 – ти јануари 2020 година, како и на 17, 20, 21, 22, 23, 24 и 27 јануари 2020 година.

Најостра осуда на нападите врз независноста на судството стигна и од Здружението на судиите, кое ги повикува надлежните институции да преземат конкретни активности во насока на обезбедување на принципот на владеење на правото  и целосното функционирање на правната држава.

Од Здружението на судии ги осудуваат сите видови опструкција на правдата, повикувајќи ги сите надлежни институции во рамки на нивните надлежности да преземат конкретни активности во насока на обезбедување на принципот на владеење на правото  и целосното функционирање на правната држава.