Продолжува растот на заболени од грип, вирусот најактивен во Кавадарци и Кратово
Продолжува да расте бројот на заболени лица од грип и слични заболувања. Од 13 до 19 јануари евидентирани се 1.412 случаи на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грипот. Тоа претставува 34,1 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со трета недела од минатата сезона е намален за 15,7 проценти, а во споредба со бројот за трета недела од типичната епидемиска крива, моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 10,4 отсто, соопштија утрово од Институтот за јавно здравје.
Од новозаболените, 848 лица се на возраст од 15 до 64 години. Во 251 случај станува збор за деца на возраст од пет до 14 години. Додека, 200 се деца на возраст до четири години. Останатите 113 се лица на возраст над 65 години. Заболените се пријавени од 26 ЦЈЗ/ПЕ, Скопје - 422, Кавадарци - 150, Куманово - 140, а во останатите, бројот на заболени е помал или еднаков на сто.
Во девет извештајни единици што пријавиле случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, во осум - сезонска, во пет - средна, во Дебар и Ресен - висока, а во Кавадарци и Кратово - многу висока активност на вирусот на грип.
- Во сезоната 2024/2025 вкупниот број на случаи на грип - заболувања слични на грипот изнесува 3.820, појаснија од Институтот.
Од Институтот потсетија дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување.
- Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи согласно препораките на СЗО: постарите лица над 65 години, деца на возраст од шест до 59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени, здравствени работници, нагласија оттаму.
Заклучно со трета недела, во Република Северна Македонија вакцинирани се вкупно 72.348 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.
Надлежните очекуваат раст на заболени од грип, а пикот се очекува кон средината на февруари. Почетокот на второто полугодие за учениците и дружењето на луѓето во затворен простор поради ниските температури, се дел од факторите што допринесуваат бројот на заболени да расте во овој период.
- Секоја година се зголемува бројот на заболени од грип до средината на февруари, кога се очекува пикот. Со години тоа е така. Пикот е во втората половина на февруари. Ќе растат бројките уште, но, споредено со минатите години, нема никаква разлика во однос на тоа како е сега. Дури ако споредиме со лани, оваа година состојбата со заболени лица од грип е нешто подобра. Тоа што бројот на заболени ќе расте, не зависи само од училиштата, таква е динамиката на раст на бројот на заболени од грип, изјави деновиве за МИА, портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.
Мехмедовиќ препорачува децата кои веќе имаат развиено симптоми налик на грип, да бидат изолирани и да не одат во училиште.
Ново на Сител
-
22-годишна девојка од Скопје удрена од таксист
-
Шекеринска: Никогаш за никого не сум ургирала
-
Сестрата на Фросина: Бараме одговорност од таткото на возачот и судијката
-
Колумбискиот претседател го нарече Трамп „фашист“ и го спореди со Хитлер
-
Во тек е голема полициска акција за откривање и запленување на фалсификувани пари
-
Четиригодишното дете од Струга што почина имало тешка форма на церебрална парализа и загрозени витални параметри
-
Четиригодишно дете починало во Струшката болница
-
Вкупно седум лица повредени во две одделни сообраќајки близу Кичево, меѓу нив 19-годишна девојка