Македонија
8. March 2020 - 16:41

Продолжува мигрантската тензија на турско-грчката граница

Продолжуваат немирите на турско-грчката граница меѓу мигрантите, кои се обидуваат да дојдат на европско тло и граничната полиција од грчка страна. Немирите започнаа откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги отвори границите на својата држава и дозволи проток на мигрантите кон Европа.
Грчката гранична полиција не дозволува да се премине границата, па со водени топови и солзавци се обидуваат да ги растераат мигрантите, кои, пак, возвраќаат со фрлање камења во обид да ја срушат оградата, поставена на границата, и да се упатат преку Грција кон другите европски држави.

Ердоган единствено нареди крајбрежната стража да ги спречи мигрантите да патуваат по морски пат до Грција, бидејќи не е безбедно за нив.

Од Европската Унија стигаат обвинувања на адреса на турскиот претседател дека ја користи бегалската криза за политички цели. Унијата останува на ставот дека вратите на Европа се затворени за бегалците.
Претходно и САД искажаа целосна поддршка на Грција во справување со новиот бран мигранти и сметаат дека Грција има право да ја брани својата граница на начин како смета дека е најдобро.

Инаку, во 2016 година Европа се договори со Турција да ги затвори границите за мигрантите. До сега, Турција се грижеше за речиси 4 милиони бегалци, а за возврат ЕУ требаше да финансиски да помогне со неколку милијарди евра. Но, откако последниов месец Турција се соочи со нов бран мигранти, европската финансиска помош веќе не беше доволна за нив и претседателот Ердоган одлучи да ги отвори границите, па дури со автобуси пренесоа голем дел од мигрантите близу северно-западната граница.