Продолжи комисиската расправа за нацрт-амандманите на Уставот
Почна седницата на собраниската Комисија за уставни прашања на која се разгледуваат нацрт-амандманите за промена на Уставот согласно Договорот од Преспа.
Комисијата втор ден расправа за нацрт-амандманот 33 и се очекува денеска да заврши расправата по овој амандман.
На почетокот на седницата Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ изрази жалење што продолжува праксата во Собранието истовремено со оваа седница да бидат закажани и други комисии поради што пратениците се оневозможени да присуствуваат на седницата за уставни прашања.
Ова, според Мицевски, не е случајно, а и фактот што седницата не се пренесува во живо упатува на тоа дека власта не сака транспарентно да расправа за нацрт-амандманите.
Седницата на собраниската Комисија почна вчера со обраќање на премиерот Зоран Заев, кој ги образложи четирите нацрт-амандмани.
Пред членовите на Комисијата, премиерот посочи дека предложените нацрт-амандмани се во согласност со меѓународното право и меѓународните стандарди за човековите слободи и права, како и согласно интересите на Република Македонија и нејзините перспективи во евроатлантските интеграции. Оцени дека нацрт-амандманите заслужуваат поддршка од сите пратеници во Собранието.
За опозицијата пакетот уставни измени се носи без консензус, а пратениците немаат мандат да расправаат за измените на Уставот бидејќи референдумот бил неуспешен. Единствен излез од ситуацијата, според нив, е да се оди на нови избори. Побараа и седницата на Комисијата за уставни измени да се пренесува во живо.
Парламентарното мнозинство со став дека решението за името е добро и додавката „северна“ не го загрозува идентитетот. Договорот од Преспа го гледаат како шанса да се придвижи државата напред и да стане дел од најсилните и најможните сојузи.
Алијансата за Албанците и движењето „Беса“ го гледаат отворањето на Уставот како добра можност да се разговара и за изедначувањето на албанскиот со македонскиот јазик, односно тој да стане службен јазик на целата територија на државата со што би се затвориле сите отворени прашања.
Седницата на Комисијата за уставни прашања може да трае 12 дена, а пленарната седница веќе е закажана за 1 декември. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас по што треба да се организира јавна расправа чие времетраење го утврдува Парламентот. По ова, Владата ги изготвува предлог-амандманите и повторно ги доставува до Собранието кое треба да ги донесе со двотретинско мнозинство или за нив ќе треба да гласаат најмалку 80 пратеници. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство.
На 19 октомври Собранието со 80 гласови „за“ ја донесе одлуката за пристапување кон уставни измени, согласно Договорот од Преспа. За потребата за уставни измени гласаа и осуммина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Ново на Сител
-

Фестивалот „Браќа Манаки“ ќе почне на 19. септември
-

Преглед на вестите од светот
-

Премиерот Мицкоски учествува на годишниот состанок на УО Центарот за извонредност во финансиите - ЦЕФ
-

Мицкоски: Граѓаните беа толерантни, сега е на ред тие да им се одолжат
-

Врховен суд на Македонија домаќин на XVI годишна конференција на врховни судови од Централна и Источна Европа
-

ШКЛ - од денес до 30-ти јули, Штип во знакот на културата
-

Тема на денот со Игор Митревски, инженер за сообраќај
-

Од утре се очекува значителен пад на цената на горивата

