Македонија
21. December 2015 - 11:42

Продолжен рокот за пријавување за „Новогодишните бои на Скопје“

До 27 декември се продолжува рокот за учество на традиционалната манифестација „Новогодишните бои на Скопје“, информира денеска Град Скопје.

Заинтересираните граѓани и правни субјекти кои сакаат да се натпреваруваат за најинтересно и најкреативно новогодишно украсување, можат да се пријават на телефонскиот број 3297-265, од 9 до 16 часот, од 7 до 27 декември 2015 година.

Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адреса, учесниците може да ги испраќаат на интернет-адресата mediumi@skopje.gov.mk или на адреса: булевар „Илинден“ бр.82, со назнака за манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје“.

Град Скопје и годинава, традиционално избира најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа, најубаво новогодишно украсена тераса од стан, најубаво новогодишно украсен угостителски објект (надворешно) и најубаво новогодишно украсен двор на средно училиште.

Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија која ќе биде составена од претставници на медиумите.

Градот Скопје и годинава обезбеди награди од 10.000 денари, што ќе им бидат доделени на првонаградените од трите категории. ЕВН Македонија ќе ги ослободи првонаградените во сите категории, еднократно од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија за декември 2015 година.

Наградите на најуспешните ќе им ги додели градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски со претставници од ЕВН Македонија.