Процедурата е во тек, го чекаме исходот во секој момент, вели Филков за екстрадицијата на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ
Чекаме. Како што разговаравме со колешката минатата недела таму процедурата е во тек, така што го чекаме исходот во секој момент, изјави министерот за правда Игор Филков, на денешната прес-конференција во МП, одговарајќи на новинарско прашање до каде е екстрадицијата од Косово на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се осудени на доживотен затвор за кривичното дело „тероризам“ во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро.
На почетокот на октомври, Филков во Приштина оствари работна средба со косовската министерка за правда Албулена Хаџиу, на која, како што информираа тогаш, меѓу другото било разговарано за случајот „Монструм“.
- На средбата беше дискутирано и за две отворени прашања од интерес на двете земји. Разговарано беше за случајот „Монструм“, за којшто од косовска страна беше презентирано дека барањата за екстрадиција се процесуирани од страната на Јавното обвинителство и дека веднаш откако ќе биде донесено решение или ќе имаат конкретни информации за истото ќе го информираат Министерството за правда на Република Северна Македонија, соопшти Министерството за правда.
Барањата за екстрадиција од Косово, биле тема на разговор и на средбата во август во Скопје, на македонскиот и косовскиот премиер Христијан Мицкоски и Албин Курти.
Претходно, Филков во јули годинава информира дека потпишал барање за екстрадиции за Демири и Африм, кои се доставени до косовското Министерство и се чека на одговор.
Во судскиот процес за случајот познат како „Монструм“, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години. Ослободителна пресуда поради недостиг на докази доби единствено обвинетиот Сами Љута.
Исмаиловиќ и Демири се обвинети дека се двајца од тројцата непосредни извршители на убиствата кај Смилковско езеро. Тие се во Косово, по нив беа распишани потерници, но и покрај ветувањата од Приштина, досега не се екстрадирани во нашата држава.
Ново на Сител
-
Стерјовски од Корча: Овде сме да го одбраниме нашиот идентитет и да изградиме поцврста основа за иднината на Македонците во Албанија
-
Општина Центар: Во тек е голема акција, се чисти на шест локации
-
УЈП: Пад на прометот за 22,12% во четвртокот и петокот кај осумте поголеми ланци на маркети во земјава
-
Нова серија земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос
-
570 возачи казнети во Скопје: 150 за брзо возење, 22 без возачка, 4 возеле со забрана
-
Ѓорѓиевски: Ако станам кандидат за градоначалник на Скопје, очекувам победа во првиот круг
-
Балтичките земји се исклучуваат од руската електро-мрежа
-
Хамас ослободи уште тројца заложници, се очекува пуштање на 183 Палестинци од израелски затвори