Свет
28. March 2017 - 12:38

Про-ЕУ конзервативци бараат од Меј трговски договор со Брисел, а не пазарење за Брегзит

Проевропски ориентираните конзервативци во британскиот Парламент, бараат од премиерката Тереза Меј во следните две години да обезбеди спогодба за слободна трговија меѓу Велика Британија и ЕУ, а не времето да го троши на пазарње со Брисел околу тоа колкава да биде цената што ќе ја плати Лондон за напуштањето на Унијата.

Според досегашните навестувања од двете страни, „разводот“ би требало да ја чини Велика Британија меѓу 14 и 50 милијарди фунти.

Станува збор, пред се, за парите за пензиите на Британците кои изминатите 43 години работеле во европските земји, како и за другите трошоци што паѓаат на товар на оној кој си заминува од Унијата.

Низа угледни европски политичари од левиот и од денсиот центар на политичкиот сектор сметаат дека Велика Британија не може туку така да си замине од ЕУ, затоа што смета дека сега така и е подобро.

- Тоа е како да одите во ресторан, добро да се најадете, а потоа да си заминете и да барате тие да ви го платат ручекот, сметаат европски политичари, оценувајќи дека „фер и чесен развод“ е кога двете страни ќе се договорот околу наплатата на направените сметки.

Британските антиевропски весници, блиски до десното крило во Конзервативната партија, многу честоо ја критикуваат ЕУ, обвинувајќи ја дека сака да „грабне“ британски пари, а некои сугерираат дека како одговор на таквата „лакомост на Брисел“, Лондон треба едноставно да ја напушти Унијата без постигнат договор.

Пред крајот на минатиот месец, таквата опција ја поддржа и британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон, кој во интервју за Би-Би-Си рече дека ЕУ може да се напушти и без договор и дека Велика Британија од тоа нема да има последици.

Брисел таквата изјава ја оцени како „несериозна“ и порача дека штетата за Велика Британија од Брегзит без договор ќе биде многу поголема.

Проевропските конзервативци затоа сега бараат од Меј „да не троши време на пазарење околу износот на сметката од разводот со ЕУ“, туку да се насочи со сета енергија на постигнување пост-Брегзит договор за слободна трговија со 27-те земји членки на Унијата.

Според „Гардијан“; кој се повикува на извори блиски до Конзервативната партија, таквиот договор има „витално значење“ за иднината на Велика Британија надвор од ЕУ и е многу поважен за земјата од „пазарењето за цената на разводот“.

Овие конзервативци сметаат дека трошењето време за тоа, а не за договор за трговија, че биде само изговор на антиевропските сили и на оние кои заговараат „тврд“ Брегзит за напуштање на ЕУ без каков било договор.

Барањето на проевропските ториевци доаѓа на 24 часа пред покренувањето на член 50 од Лисабонската спогодба, со што формално би почнал процесот за Брегзит.

Британската Влада утре треба со официјано писмо да ја извести Европкста комисија за отпоќнување на процесот на повлекување од ЕУ. Предвидено е целата постапка да заврши за две години, до крајот на март 2019 година.