Македонија
8. March 2019 - 13:36

Приведен дилер на кокаин и хероин

СВР Скопје во содејство со Одделот за криминалистичка полиција и СВР Тетово реализираа случај на недозволена трговија со дрога при што до надлежното ОЈО поднесена е кривична пријава против лицето Б.С.(33), а поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело - “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.

Имено, вчера (07.03.) околу 14.45 часот, полициски службеници врз основа на судска наредба извршија претрес во домот на пријавениот во Скопје, при што се пронајдени стаклена тегла исполнета со паковки со бела прашкаста материја, кеса со кафеава прашкаста материја, дигитална вага, пари во вредност од 350 евра и 64.000 денари, телефон и други предмети. Пронајдените предмети со потврда се одземени од пријавениот и лицето е лишено од слобода во ПС ОН Гази Баба.

Од вештачењето е констатирано дека белата прашкаста материја со вкупна нето маса од околу 270 грама е кокаин, кафеавата прашкаста материја со вкупна нето маса од 100 грама е хероин, додека на дигиталната вага се констатирани остатоци од хероин и кокаин. Инаку пријавениот е евидентиран во крим-евиденцијата како сторител на кривични дела, за што имал и правосилни судски пресуди.