Македонија
5. January 2018 - 17:22

Притвор за пироманот кој запали кафе бар во Прилеп

Вербалната расправија на 25-годишниот прилепчанец Н.Т. со еден од вработените и со менаџерот на елитниот прилепски Кафе-бар *Галери хаус паб*, која се случила околу 18 часот на 31 декември, минатата година, заради непослужувањето со алкохол и одбивањето да ја плати сметката, била причината за Н.Т. по десетина часа подоцна да го запали локалот, утврдила истрагата. Според соопштението до СВР - Битола, осомничениот, во текот на расправијата упатил јавни закани дека ќе го запали локалот, по што бил отстранет од страна на обезбедувањето, за по неколку часа да биде виден на Бензиска пумпа како купува бензин. Прв пат се вратил во локалот нешто после полноќ, кога, од страна на обезбедувањето бил спречен да влезе и пак бил отстранет. Меѓутоа, тој не откажувајќи се од својата намера, повторно се вратил околу 3.30 часот, кога локалот бил празен и со трите шишиња бензин кои ги носел со себе го полил, а потоа и го запалил Кафе-барот, по што си заминал. По неговото пронаоѓање, Полицијата го лиши од слобода, а од страна на надлежниот судија одреден му е и триесет-дневен притвор.

Инаку, од пожарот во локалот, каде причинетата штета се проценува на над 200.000 евра, во сериозна опасност беа доведени и повеќе околни деловни објекти каде  има и поголеми оштетувања. Кафе - барот, кој се наоѓа во строгиот центар на градот, неодмана целосно беше реновиран.

Осомниченото и сега веќе притворено лице Н.Т., пред неколку години ги искрши и прозорците од новата општинска зграда, за што беше  условно осуден.