Македонија
26. January 2024 - 16:53

Притвор за петмина од Грчец, 10 се во бегство меѓу кои и шефот на криминалната група

Картелот од Грчец кој организирал убиства и шверцувал кокаин од Јужна Америка искоренет од скопското подземје. Петорица од уапсените во вчерашната акција, судот им додели 30 дневен притвор, на еден мерки на претпазливост, а другите 10 се во бегство. Полицијата трага по шефот на групата од Грчец, Шеваљ Муареми кој подолг период е надвор од Македонија. 

Судот го прифати предлогот и определи мерка притвор и за 10 лица кои се опфатени со истрагата, а во моментов не се достапни на органите за прогон и тоа од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода.

Според извори од истрагата, лидерот на групата Муареми, се наоѓа во Дубаи. Но Македонија нема договор со Дубаи за екстрадиција, потврдија од Министерството за правда. 

Еден од уапсените кој бил дел од кланот од Грчец, е Севдаил Азири. Покрај мафијашките активности, тој е и советник од редовите на Алијаса за Албанците во Шуто Оризари. По неговото апсење, партијата го суспендираше.

- Секоја активност спротивна на законот мора да биде казнета, а секое лице кое е вклучено во такви дејствија, а е наш член е суспендиран до крајот на судењето, задржувајќи ја презумпцијата на невиност, велат од партијата за Сител.

Меѓу уапсените од кланот Грчец е и Фадил Бајрамовски кој пред речиси 10 години беше осуден за шверц на кокаин, а му е прв братучед на убиениот Оки во Грција. Оливер Петров, полицијата го уапси, а судот само на него му одреди мерки на претпазливост. Тој веќе беше осуден во 2009 година, на една година затвор за пукањето на Александар Верушевски. 

Дел од криминалната група кој е во бегство е и Енсер Исеини, кој е брат на убиениот Енес Исеини во Шиша бар минатата година. Полицијата трага и по Шукри Асеини кој му бил шофер на на главниот на групата Муареми, а и претходно беше фатен осомничен за шверц на кокаин. 

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека лидерот на групата од Грчец е близок пријател со новиот технички премиер, Џафери. 

- Интересно е што последниот ден Спасовски, министерот за внатрешни работи, се сети дека постои нарко мафија. Таа иста нарко мафија 7 години претходно јадеше од раката на Спасовски. Но, не кажува и дека прво осомничениот од нарко мафијата која тргувала дрога од Латинска Америка, Шеваљ е другар и пријател на новиот технички премиер, Талат Џафери, стои во нивното соопштение.

Кланот од Грчец на Шеваљ Муареми, организирал и извршувал убиства, како двојното убиство во Топанско поле пред три години, убиството на албански државјанин чие тело беше пронајдено во 2020 година закопано на Матка, како и обидот за убиство на Борис Мутков- Фантом од село Бардовци.

Шверцувале над 400 кг кокаин од Перу, Боливија, Колумбија, Бразил, а со парите граделе луксузни куќи и ресторани.