Балкан
16. September 2015 - 9:05

Пристигнаа првите бегалци во Хрватска

Првиот автобус со 70 бегалци од Сирија, Авганистан, Пакистан, Ирак и Мавританија изутринава во 4:30 часот пристигна на автобуската станица во Шид, јави хрватската Н1 телевизија.

Пред пристигнувањето на хрватската граница, неколку бегалци се упатиле пеш, преку пченкарното поле во Товарник.

- Чекавме во Прешево и не знаевме што да правиме, бидејќи до нас дојдоа информации дека е зтаворена границата со Унгарија. Одеднаш од сите автобуси исчезнаа таблите со натписи Суботица и Канижа и се појавија нови со Шид, Хрватска. Само ни рекоа да влеземе во тие автобуси и дека границата со Хрватска е отворена. Ние седнавме во третиот автобус, но како што гледам први стасавме во Шид, раскажа за хрватски „24 сата' Јихад од Сирија, кој побегнал со четири деца, од кои најмалото има само шест месеци.

Првите автобуси со бегалци од Прешево синоќа тргнаа кон Шид во Хрватска. На привремена станица, спроти прифатниот центар во Прешево уште десетина автобуси со натписи „Шид“ и „Хрватска“ се подготвуваат да тргнат кон Хрватска, информира РТС.

Откако мигрантите ќе се регистрираат и добијат потврда за привремен престој во Србија, тие го продолжуваат својот пат кон некоја од земјите од Западна Европа.

Општина Шид превентивно обезбеди сместување за бегалците. Поранешната детска болница „Принциповац“ е прилагодена за прифатен центар. Во објектот во близина на граничниот премин Сот, има околу 300 кревети, а просторот околу болницата е уреден и е обезбедена вода за пиење.

Портпаролката на УНХЦР Мелиса Фелминг претходно предупреди на можноста бегалците да тргнат по нова рута кон Западна Европа.

Откако Унгарија одлучи да го затвори своите граници, „Фејсбук“ групата „Избегнувајте ја Унгарија-вести за бегалци“ подготви мапи со алтернативни рути, од кои една минува низ Хрватска.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Ранко Остојиќ изјави дека Хрватска има подготвено вонреден план во случај на голем бран бегалци.

Хрватскиот началник на Управата за граница Златко Соколар изјави дека хрватската полиција е подготвена за можен бегалски бран и дека со своите капацитети може да го издржи првиот миграциски бран.

- Нашиот целокупен состав на полицијата брои околу 20.000 полицајци, а граничната полиција околу 6.000 лица. Значителен дел од полицијата, која е во редовен состав на полициската управа на Вуковарско-сремската и Осијечко-барањската жупанија, е подготвена за првиот удар и бегалски бран, истакна Соколар.

Екипите на „Црвениот крст“, исто така се подготвуваат за зголемен број на мигранти на хрватско-српската граница, откако Унгарија ја затвори својата граница со Србија.